МНТ ја подготвува „Народен непријател“ од Ибзен во режија на Нина Николиќ

Во Македонскиот народен театар интензивно се подготвува претставата „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ. Претставата е дел од комплексниот проект „Патиштата на хероите“ чиј носител е МНТ, а поддржан од програмата „Креативна Европа“ во рамките на повикот за проекти за културна соработка на Западен Балкан.

Во копродукцискиот проект учествуваат автори од сите партнерски земји, Србија, Словенија, БиХ, Грција и Италија, а во изведба на актерите: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Благој Веселинов, Дарја Ризова, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Нино Леви, Александар Михајловски, Мартин Ѓоргоски и Јана Вељановска.

– Претставата се занимава со испитување на улогата на поединецот во општеството, важноста на неговиот глас и погубната вистина дека гласот на мнозинството е секогаш помоќен од оној на поединецот, независно кој е во право. Премиерата на претставата се очекува кон почетокот на мај на големата сцена на МНТ, а потоа ќе биде изведена во сите партнерски земји, како и на фестивали во Европа и во регионот – велат од МНТ.

Проектот „Патиштата на хероите“ е со времетраење од две и пол години, во чии рамки се опфатени бројни програми меѓу кои: професионални работилници, изложби, креативни истражувања, издавачка дејност за деца, како и работилници од областа на современиот танц и гостувања на театарски фестивали итн.

До сега се реализирани неколку креативни работилници преку кои МНТ и издавачката куќа „Гаврош“ со „Ла Драматурџи“ (Италија), „Лооп Амке“ (Грција), „Студио Театар“ (Босна и Херцеговина), Институт за театарска игра (Словенија) и „Ехо Анимато“ (Србија) се занимаваат со откривање и поддржување на поединците чија еколошка свест придонесува за позитивни општествени промени. Се истражуваат механизмите на создавање и соработка во креативен тим, здружувајќи ги уметниците за преиспитување на нивните сопствени практики, со цел да се подобри уметничкиот тим и да создаде силно општество/заедница.

Исто така, од вкупно 12 снимени се шест краткометражни филмови на повеќе јазици од земјите соработници, кои ќе се емитуваат на првиот програмски сервис на МРТВ. Филмовите, од областа на екологијата, за подигнување на свеста на поединецот и како да се биде општествено одговорен кон природата се титлувани на македонски јазик.

Сподели