Кога ќе видите претстава од независна продукција, доколку сте во можност, купете си билети веднаш, не велете: „Ќе ја гледам следен пат кога ќе се игра“, зашто можеби баш поради тоа празно седиште ќе ја пропуштите последната изведба на претставата – вели продуцентот Петар Антевски.
Претставата „Младоста последна умира“ во изведба на група актери обединети под името „Пресврт“, ќе биде премиерно изведена вечерва во 20 часот во просторот „Лабораториум“ во Скопје. Иницирани од продуцентот Петар Антевски, четворица актери на возраст до 30 години отворено ќе зборуваат на теми што ги мачат. Дали и колку е возможно независниот уметник да се вклопи во веќе поставената и општо прифатена норма за тоа што еден млад човек треба да постигне пред да наполни 30 години? Ангела Стојановска, Јанка Лефкова, Лазар Христов и Никола Ристески, заедно со драматургот Ева Камчевска, ја создадоа оваа претстава и од свои лични искуства.

– Проектот почна како идеја на Петар Антевски. Околу пандемиската ера, кога никој од нас не знаеше што со себе, Петар ми предложи да работиме поткаст кој би се викал „Младоста последна умира“, дури и снимивме неколку епизоди. Целиот материјал што го собравме ни го покажа потенцијалот за театарска претстава и знаевме дека сакаме да ја направиме. Замисливме процес во кој ќе уживаме дур зборуваме за работи кои не секогаш ни се најдраги, и би така – вели актерката Стојановска.
За драматургот Камчевска, колективносто авторство значи дека „постои слобода да се тргне во многу различни правци – за среќа, а во исто време и за несреќа“.
– Среќата е во тоа што има доста енергии, различни гледишта и не си сам во создавањето како што обично е во авторската работа, а несреќата (можеби несреќно избран збор) е во тоа што во еден момент материјалот толку многу се наталожува и не знаеш од каде да почнеш – смета Камчевска.
Одредена тема имале, но во текот на разговорите што ги воделе долго, се приближувале и оддалечувале од темата.
– Во текот на тие разговори излегуваа работи на кои не сме помислиле, а на крај влегле во преставата, зашто биле премногу автентични. Нешто што мислам дека е доста важно за вакви процеси е да се чувствуваш сигурно во екипата со која споделуваш работи, затоа што голем дел од работите се лични, зборуваме за наши стравови, надежи, неисполнети очекувања, љубови… Како драматург во овој процес, моја работа беше, она море од материјал што го имав да го структурирам во форма на претстава. Верзиите се менуваа, сите читаа и даваа мислење во кој правец би требало да се оди, што би можело да се засили, а што да се исфрли, зашто е можеби премногу лично за да се сподели. Ја имав слободата да си играм со материјалот што произлезе од екипата, да вадам и додадам, да ги миксам нивните приказни за да сите заедно дојдеме до една верзија со која сме задоволни – вели Камчевска и додава:
Колективното авторство за мене е интимен процес. Во желбата да зборуваме на тема која ни е важна, ги даваме нашите животни искуства на тацна. Тоа нè прави ранливи, а во исто време нè тера повеќе да се грижиме едни за други во екипата, што не може да е лоша работа.

Лазар Христов
Можноста да кажеме или преќутиме работи од своите или туѓите животи и тоа да добие уметничка и естетска форма, е колективно авторство. Начинот е суров, бара активно „бавење“ со своите најголеми трауми, но тоа не значи дека секогаш е трауматично, напротив, често е многу забавно, смешно и апсурдно. Поентата е, низ ваков процес, твојот проблем да стане материјал за работа, што значи сведување „хаос“ на неколку страници хартија. Лудо е – вели актерот Лазар Христов.
Кога се создава независна сцена, условите се поинакви од класичниот пристап на работа во театар, вели актерот Никола Ристески. Од барање простор за читкачки проби до наоѓање простор за изведби. Но во овој процес можат да се пофалат дека за прв пат актерите не вршат продуцентска работа.
– Фала Перо, сите те сакаме – се шегува Никола.

Со оглед на тоа дека сите алтернативни места беа зафатени, ние решивме да ја подготвуваме претставата во домашни услови. На наша среќа се отвори „Лабораториум“, каде што премиерно и за прв пат ќе му дадеме живот на тој простор со нашата претстава – вели актерката Лефкова.
Како е да се работи на независната сцена?
– Желбата и страста секогаш се големи кога се работи претстава која е дел од независната сцена. Овие процеси најчесто бараат големи жртви како земање неплатен одмор од работа која ти е од круциjално значење за да преживееш, но сепак има една магија која нè држи сите и нè тера одново да влегуваме во вакви процеси. Можноста да одбереш со кого и како ќе работиш, исто така, има големо влијание – вели Ристоски.
За Христов, тоа е пркос, слобода, инат, натпревар со себе, неприфаќање на лошата ситуација во која се наоѓа театарот кај нас, панк, домашно воспитување, идоли, цели, субјективни успеси, а за Лефкова, љубовта за играњето во театар и луѓето со кои во тој момент градиме свој свет.
Како да градиш мост помеѓу два непостоечки брега – така изгледа создавање претстава во независна продукција, вели продуцентот Антевски.
– Процесот започнува со многу љубов и ентузијазам, големи идеи и желба да се создава театар во кој публиката ќе ужива, плаче или ќе се смее. Но, патот до премиера е поплочен со многу предизвици од немање соодветен простор за проби и изведби, како и технички недостатоци, па сè до мал број достапни финансии за поддршка на театарски проекти што се создаваат надвор од институционалните театри. И тоа, нè доведува во ситуација да правиме компромиси кои многу почесто влијаат негативно на финалниот производ. Меѓутоа, сакам да гледам со оптимизам дека работите ќе тргнат на подобро и се борам да ја менувам реалноста, затоа што не сакам да ја прифатам нејзината погана природа – вели Антевски.

Во „Младоста последна умира“ зборуваме токму за нашата борба да опстанеме на независната сцена и верувам дека секој човек, особено младите на денешницата, ќе се пронајдат во хаосот на скршени соништа, пропуштени шанси и што кога полека ентузијазмот згаснува.
Колку често ќе се игра претставата е прашање на кое никој нема одговор на независната сцена.
– Финансиската (не)одржливост често знае да биде убиецот на претставата затоа што може да нè доведе во позиција да вложуваме повеќе отколку што заработуваме. Често знам да кажам дека ова е многу повеќе неизвесна, отколку независна продукција, затоа што нашата желба претставата да игра што почесто е обратнопропорционална од реалните можности. Така што кога ќе видите претстава од независна продукција, доколку сте во можност, купете си билети веднаш, не велете: „Ќе ја гледам следен пат кога ќе се игра“, зашто можеби баш поради тоа празно седиште ќе ја пропуштите последната изведба на претставата – вели Антевски.





