Младите од отпад создаваа уметнички дела

Основното училиште „Димката Ангелов – Габерот“ во Демир Капија освои Гран при на манифестацијата „Творење и креирање на дела од отпад од пакување“ што имаше завршница во Кинотека на Македонија. Награди добија четири уникатни дела комплетно создадени од отпадни материјали. Главниот поддржувач на оваа активност е компанијата за управување со отпад од пакување „Еуро-Екопак“, а голем дел од уметничките творби сега се изложени и може да се погледнат и во трговскиот центар „Сити мол“ во Скопје кој е партнер во оваа општествено корисна приказна.

Прво место за поединечно остварување го доби Анастасија Велковска од школото „Вера Циривири – Трена“ од Скопје, второто место ù припадна на Матеа Корпузовска од средното училиште „Георги Димитров“, додека третото место го освои Валентин Костоски од основното училиште „Гоце Делчев“ во Прилеп.

Манифестацијата се одржува од 2011 година. На конкурсот годинава беа пријавени 320 учесници како индивидуалци или како група. За победниците одлучуваше тричлена комисија составена од етаблирани професионалци во областа на ликовната уметност.

– Манифестацијата со мото „Заедно за здрава животна средина“ е наменета за млади на возраст од 5 до 18 години и не само во установите и училиштата во земјава туку во сите европски земји. Ние сме посебно задоволни од приложените креативни дела – вели Харалампие Манчев, секретар во Детскиот ликовен центар.

Учениците биле многу креативни и користеле различни материјали како пластични чаши, шишиња, лажички, лименки, гума, жица, стакло, кутии од различен тип, картони, хартија во боја итн.

– Поддржуваме настани од ваков тип затоа што станува збор за едукација. Тоа што се смета за отпад е нешто што може да биде повторно искористено и ставено во некој друг контекст или друга употреба. Идејата за селектирање, рециклирање и за повторна употреба е нешто што е исклучително важно за нас како земја, но и за целата планета. Навиките се создаваат на рани години и затоа сме среќни дека сме дел од еден ваков проект каде младите луѓе се едуцираат и воедно го трансформираат својот начин на гледање и однос кон отпадот – вели Лука Луковски, директор на компанијата „Еуро-Екопак“.

Сподели