Младите добија нов простор за размена на идеи и креации во Јуроп хаус Струга

Младите од Струга деновиве добија нов простор – Јуроп хаус Струга, каде што ќе имаат можност да разменуваат идеи, да ги унапредат своите вештини и иновативни размислувања. Овој простор ќе биде центар за младите во Струга и околината, нудејќи многу можности и претставувајќи го идеалното место за новата генерација. Преку низа активности и како дел од прославата на „Денот на Европа“, овој простор деновиве им беше препуштен на младите. Ова е седма т. н Европска куќа отворена во Македонија во последните неколку години, по Скопје, Велес, Струмица, Битола, Тетово, Крива Паланка.

Беше организирана дебата на тема „Како да се вклучи, поврзе и унапреди локалната младина преку Јуроп хаус Струга“. На неа учествуваа ученици од локалните средни училишта Ибрахим Темо, Нико Нестор и Јахја Кемал, а модератор беше Ана Наумоска, која заедно со амбасадорот Дејвид Гир ги воведе младите во дискусијата поврзана со можностите кои Јуроп хаус Струга ќе ги понуди. Учениците ги презентираа своите идеи, со што поттикнаа понатамошна дискусија меѓу присутните.

Во Музејот на природата „Др. Никола Незлобински“ беше откриен муралот „Симбиози“ на самата фасада на музејот. Овој мурал ја симболизира поврзаноста помеѓу човекот и природата и даде посебен акцент на одбележувањето на денот на биодиверзитетот.

Активностите продолжија со вмрежување на граѓанскиот активизам од регионот во Кемпинг Скаут, локација која се наоѓа на самиот брег на Охридското Езеро и која е уредена со помош и средства на ЕУ. На настанот беа присутни претставници на здруженија и невладини организации, како и индивидуални уметници, активисти и локални претприемачи. Денот заврши со музички перформанс во просториите на Јуроп хаус Струга, нудејќи пријатна атмосфера и можност за дополнително вмрежување и дружење.

Сподели