Приказната е објавена во рамките на серијалот „Умни млади“ што Умно.мк го реализира во соработка со Europe House Skopje
Стотици младиници, меѓу нив и неколкумина Македонци, пред десетина дена го зазедоа Европскиот парламент, ги заменија столчињата со парлементарците што донесуваат одлуки во името на Европската Унија и покажаа дека тие се новата сила, иднината на најстариот континент. Околу 10.000 младинци од цела Европа учествуваа на European Youth Event (EYE 2021), а меѓу нив беа и младите европски амбасадори Александар Каратошо, Сара Ристеска, Војдан Узунов и Ана Ќупева. Тие нè носат низ несекојдневното искуство, дружбите со младите од Европа, дебатите, но раскажуваат и за можностите што ги има секој млад човек од земјава.
Четворицата се дел од програмата „Млади европски амбасадори“ со мандат од три години. Во нивната мисија најголеми поддржувачи им се тимот на Europe House Скопје и Делегацијата на Европската Унија. Заедно организираат работилници за градење на капацитетите кај младите луѓе на различни теми, организираат и учествуваат во дебати и дискусии со млади и организации, a неодамна се запознале и со ЕУ-амбасадорот и претседателката на Европската комисија при нејзината посета на Скопје.
Каратошо е студент на Економскиот факултет во Скопје. Пред девет години се вклучил во граѓанскиот сектор, прво како учесник на проекти, а потоа и преку вклучување во невладини организации како волонтер и младински активист. По креирањето на доволно голема мрежа низ Европа, заедно со уште неколку млади активни луѓе одлучиле да основаат нивна организација – Youth Empowerment Association. Целта им е да промовираат активно граѓанство, претприемништво и културно наследство кај младите луѓе преку методите на неформалното образование. Тој објаснува како станал млад европски амбасадор.
– Лани го видов повикот за избор на млади европски амбасадори од Западен Балкан и ми се допадна идејата зашто веќе неколку години бев активен во меѓународни проекти, но и дознав дека има одлични резултати во источните партнерски земји каде постои веќе 5 години. За среќа, бев еден од кандидатите што доби најмногу гласови од младите и потоа ја добив поддршката од експертската комисија. Тригодишниот мандат официјално започна пред повеќе од една година – објаснува тој.
Младите имаат огромен потенцијал
Тој смета дека младите имаат огромен потенцијал да направат суштински промени во општеството, особено во процесот на ЕУ-интеграцијата. Но, реалноста е дека многу малку млади се вклучуваат во процесите на донесување одлуки, а пак од друга страна и не се доволно застапени во клучните институции, со што немаат доволен придонес во идните случувања.
– Треба да ни е јасно дека политичарите сами по себе не можат да знаат и направат сè. Само преку активното учество на секој граѓанин во општествените процеси може да се осигура подобра иднина за сите – вели Каратошо.
Тој беше еден од учесниците на најголемиот младински настан во Европа како претставник од Северна Македонија и од Западен Балкан. Каратошо раскажува дека годинава EYE собрал повеќе од 10.000 млади луѓе во срцето на европскиот континент, односно во Европскиот парламент за да дискутираат за младинските проблеми и предизвици, но и да придонесат со своите идеи во планирањето на иднината на Европа.
– Ова беше навистина одлично искуство. Покрај тоа што посетивме една од најважните европски институции, можевме да се запознаеме со неколку европратеници и идните европски лидери. Јас учествував во две дебати. Во првата дискусија, заедно со моите колеги од другите земји ја претставивме програмата на младите европски амбасадори и нашата работа во последната година. Дискутиравме и за важноста на младите во општеството, особено во процесите на одлучување. На следниот настан учествуваше и европратеничка, а мојата задача беше да ја претставувам мрежата на амбасадори од Западен Балкан во дебата за процесот на проширување на ЕУ и да го претставам ставот на младите луѓе во поглед на ова прашање – вели Каратошо.
Александар Каратошо (втор од лево кон десно) на една од дебатите
Сара Ристеска вели дека од EYE се вратиле побогати за едно големо искуство, многу нови пријателства и уште повеќе мотивација да продожат со својата работа како млади европски амбасадори.
– EYE e уникатна симбиоза на про-активност, инспирација и верба дека младите луѓе може да направат промена во регионот, Европа и светот. Но, пред сè, овој настан е една голема синергија затоа што собира илјадници млади луѓе од Европа на едно место – Европскиот парламент во Стразбург за да ги обликуваат и споделат своите идеи за иднината на Европа.
Запознавме младински лидери од цела Европа, но и остваривме поблиска соработка со нашите колеги – младите европски амбасадори од источните земји. Ваквите дружби ни помогнаа да уочиме дека не сме само „Oбединети во различностите“, туку и во предизвиците со кои се соочуваме ние младите од цела Европа – вели Ристеска.
Млади европски амбасадори – патоказот и мостот
Според неа, EYE е само една од можностите кои ЕУ ги нуди за младите од Западен Балкан. Минатата година ЕУ ja лансираше кампањата #ЕУиТИ под мотото: „Твоја приказна, наша иднина“ – кампања која е сублимат на соработка на ЕУ и Западен Балкан во создавање подобра иднина за младите, но и за следните генерации, преку промовирање на програми за финансирање како што се: Хоризонт 2020, Косме, Креативна Европа и најпопуларната – Еразмус +.
Младите европски амбасадори: Војдан Узунов, Ана Ќупева, Александар Каратошо и Сара Ристеска
– Сведоштвата на илјадниците луѓе кои биле дел од овие проекти се најдобар индикатор за тоа дека сè повеќе млади ги препознаваат и искусуваат можностите што ги нуди ЕУ. Но, тие се и показател колку овие можности имаат силно влијание врз младите луѓе во градењето на нивните капацитети и продуцирање позитивен импакт во нивниот регион. Делегацијата на ЕУ во Скопје континуирано ја препознава клучната улога на младите во креирањето на нивната иднина и иднината на Европа. Инвестира во разни локални младински иницијативи, кампањи и проекти. Ги имаме трите Europe House како места каде што младите можат да се дружат, да генерираат нови идеи и да почнат да ја креираат иднината. Нашите млади се желни за можности. Иако досега е многу направено, сè уште има простор за креирање на уште повеќе можности и охрабрување на младите луѓе да ги искористат истите. Се разбира тука е и нашата задача и одговорност како млади европски амбасадори да бидеме патоказот и мостот кој ќе им ги посочи и ќе ги поврзе младите со можностите кои ги нуди ЕУ – вели Ристеска.
Војдан Узунов објаснува дека целта на собирот во Стразбур е младите да се соберат во Европскиот парламент – место каде што за одредено време и ќе седат како парламентарци. Една од идеите на овие средби е поврзување на младите, размена на нивните гледишта за да се приближат земјите од Западен Балкан до европските вредности.
– Заминавме во Стразбур бидејќи поврзувањето на регионот треба да почне преку средби. Имавме дебати, се запознаваме меѓусебе, разменуваме заеднички интереси. Имаше повеќе работилници кои опфаќаа различнии дејности, од спорт до дигитални вештини. Но, сето тоа низ призмата на поврзување и како гледаме на тоа – раскажува Узунов.
Според него, интересно е колку малди луѓе од различни културолошки и религиозни средини имаат различни гледишта на нешата, а помеѓу нив сепак има кохезија.
– Дали поради интернетот и мрежното поврзување, но таа кохезија меѓу помладите е многу посилна, за разлика од таа кај постарите. Нашата земја нема опција освен ЕУ. Таа има многу стратешки партнери, но географски ѝ припаѓа на Европа и како дел од Унијата ќе мора и понатаму да се развива – вели Узунов.
Бидете активни, волонтирајте, вклучете се
Ана Ќупева вели дека деновите во Стразбур брзо поминале и биле исполнети со многу активности. Заедно со другите млади европски амбасaдори успеале да се здобијат со нови искуства и информации. Идеите за иднината и младите биле споделени со повеќе од 3.000 млади луѓе и со работа во над двесте работилници.
– Посебен впечаток ми остави запознавањето со работата на Советот на Европа и средбата со младите европски амбасадори од Западен Балкан. Споделивме заеднички искуства и идеи и разговаравме за заедничките проблеми. Ова беше одлична можност да се поврземе со нив и да се обединиме во заедничките мислења и ставови – вели Ќупева.
Таа е среќна што ги посетиле најголемите институции, Европскиот парламент и Советот на Европа. Работеле на реализација на европските идеали, како со личен пример и конкретен ангажман да создаваат европски вредности.
– Многу е важно запознавањето на нашата работа со институциите на ЕУ и информирањето за можностите за понатамошна соработка. Само кога младите и институциите би се склопиле како едно, тогаш ја гледам Еворпската Унија како мост за нашата иднина! До неа можеме да стигнеме. Нашите искуства на овие средби во Стразбур ни покажаа дека можеме да бидеме рамо до рамо со нашите врсници од поразвиените земји. Потребна ни е само поддршка дома, посилно образование и мотивација на младите да бидат гласот на промените и активно да се вклучат во создавањето на иднината. А таа навистина е наша и единствена – децидна е Ќупева.
Според Каратошо, за жал, голем дел од младите од западните земји не се запознаени со Западен Балкан, но посакале да научат повеќе за нашите држави. Затоа овие меѓународни настани и проекти се одлична можност да бидат вистински амбасадори на нашата култура.
– Во разговорите најчесто крајниот заклучок беше дека немаме многу различности помеѓу нас затоа што географски сме дел од истиот континент и делиме ист идентитет, односно се чувствуваме како Европјани – вели тој.
Сара, Александар, Ана и Војдан
Мандатот на младите европски амбасадори трае три години, но секоја година им се придружуваат нови 60 амбасадори од Западен Балкан. Така за кратко време програмата ќе прерасне во голема регионална мрежа на млади лидери, подготвени и способни за промени. Каратошо планира да биде активен и максимално да придонесува во заедницата без разлика на професијата во која ќе продолжи да работам во наредните години. Тој на младите од Северна Македонија им порачува:
– Бидете активни! Волонтирајте, вклучете се во некоја граѓанска организација и преземете иницијатива. Станете дел од локалните младински совети и претставувајте ги младите во вашата општина, обидете се да направите позитивна промена во вашата заедница. Живееме во време кога има премногу можности за секој млад човек и мојата најискрена препорака е да се искористат сите.