Тринаесетгодишната Јана изработи 16 „стикери“ за да ги убеди своите врсници да користат кирилица кога се допишуваат на социјалните мрежи. Најзиниот проект „Кул е и кога COOL се пишува на кирилица“ беше промовиран во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.
– Нашата кирилица е многу убава – рече таа на промоцијата.

Промоторката Наталија Лукомска истакна дека стикерите се многу интересни, на едноставен начин се испреплетени зборовите и сликите, илустрирани се фрази со помош на македонски симболи врежани во нашата слика за Македонија (македонско девојче, Водно, Кирил и Методиј). – Стикерите имаат голем потенцијал да бидат искористени и во наставата по македонски јазик – вели Лукомска.
Јана вели дека ја инспирира она што го гледа околу себе – македонската музика што ја слуша, патувањата во Македонија, преубавата природа. Освен со дигитална уметност, цртање и сликање, зработува и амигуруми (плетени играчки) со кои учествувала на неколку локални продажни изложби. Во иднина се гледа себеси како аниматор и дека веќе работи на серија карактери (еден вид вонземјани) за кои се надева дека ќе бидат нејзината прва анимација.

Јана Борбала Панзов е родена во Будимпешта. Образованието го почнала во Скопје, но го продолжила во родниот град. Таа е билингвална. На прашањето како го надоградува својот македонски вели:
– Гледам македонски серии, читам книги и слушам македонска музика.
За настанот во „Буква“ беше изработен и рекламен материјал (маици, шолји, торби) кои заинтересираните можат да ги најдат во кафе-книжарницата. „Кул е и кога COOL се пишува на кирилица“ е дел од апликациите што беа избрани на конкурсот „Цртај на македонски јазик“ поддржан од Министерството за култура. Стикерите од Јана може да ги преземете на линкот.






