7. Семинар „Математика и примени“ што го организира Институтот за математика се одржува денеска на Природно-математичкиот факултет во Скопје и ќе трае до 17 часот. Семинарoт е отворен за сите љубители на математиката
Дури 19 предавачи, универзитетски професори, асистенти, студенти на прв, втор, трет циклус студии, наставници по математика, наставници по физика во основни и средни училишта денеска ќе учествуваат на 7. Семинар „Математика и примени“ што го организира Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Семинарот се одржува од 9 до 17 часот, а покрај предавачи од Институтот за математика, учествуваат предавачи од Факултет за електротехника и информациски технологии, Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство, Машински, Економски, Филозофски факултет…
– Не е важно од каде е и кој е, важно е да ја носи математиката во срцето – вели проф. д-р Ирена Стојковска од Институтот за математика.

Проф. д-р Ирена Стојковска
Според неа, големиот одзив на предавачите се должи на тоа што математиката е наука која е во основата на многу други науки, како што се природните науки, но и дел од општествените, а со останатите е во корелација. Математичките предмети како универзитетски предмети се дел од студиските програми на повеќето факултети.
– Денес не е доволно да се изучува само основната факултетска (виша) математика. За да може да се следи современиот развој на науките, потребна е применетата математика, како анализа на податоци, нумеричка математика, математичко моделирање, но и примена на резултатите од теориската математика за добивање на нови решенија на постоечките проблеми. Можеби затоа, интересот за математиката е присутен и надвор од математичките кругови. Дел од предавачите кои доаѓаат од институции надвор од Институтот за математика се математичари, но дел од нив можеби никогаш нема да се определат за професијата математичар, но ќе ја користат или истражуваат математиката, затоа што ја имаат согледано нејзината важност и неопходност – вели Стојковска.

Таа смета дека ваквите собири од научно-популарен карактер најмногу придонесуваат да се разбие митот дека светот на математиката и математичарите е затворен свет. Математиката е за сите и секој има право да слуша и за зборува за математиката.
– Од друга страна, за нас математичарите, корисно е да согледаме што е тоа, кој дел од математиката го привлекува вниманието на пошироката јавност. На крајот на целодневното другарување со 19 различни теми, верувам дека секој ќе се врати дома збогатен со најмалку 19 нови сознанија за математиката, но и со многу прашања, што е предуслов за зголемување на желбата за знаење и понатамошно истражување на математичките области – вели Стојковска.
Семинарот е отворен за јавноста. Според Стојковска, ова е една од повеќето форми за популаризација на математиката. Секоја математичка активност надвор од предавалните и училниците е во насока на популаризација на оваа наука, тука спаѓаат математичките натпревари, саемите за наука, математички школи и слично.

Од минатогодишниот семинар
– Сите тие форми се специјализирани на некој начин и таргетираат одредена популациска група – ученици во основно образование, ученици во средно образование и слично. Семинарот „Математика и примени“ ги опфаќа сите области на математиката и нејзините примени, и целта е популаризација на математиката кај пошироката јавност, и неопходно е да биде отворен за јавноста. Тој ден секој ќе ја има можноста да ѕирне подлабоко во светот на математиката, да види дека математиката е повеќе од бројки, и како таа се справува со предизвиците кои ù ги поставуваат другите науки. Кога ќе го согледате вистинското лице на математиката, не може да не ја засакате – вели Стојковска.
Фото: Инстут за математика





