Прилепски театар со „Мистерија Буфо“ гостува во Гевгелија

Во Народниот театар во Гевгелија вечерва во 20 часот ќе гостува театарот „Војдан Чернодрински“ од Прилеп со претставата „Мистерија Буфо“ во режија на Андреј Цветановски. „Мистерија Буфо“ ги реактуелизира средновековните комични мистерии кои ги изведувале патувачките театарски трупи. Оваа претстава фрла мрачно-комичен поглед кон апсурдноста на секојдневните неправди, прикажува важни настани од религиозниот живот, но доживеани преку очите на обичните луѓе и случајните минувачи.

– Животот, чудата и страдањето на Исус се случуваат некаде надвор од сцената, додека во фокусот (барем, во поголемиот дел од сцените) е токму обичниот човек. Луѓето секогаш, па дури и во најтешките општествени прилики, наспроти сите прогласи и забрани, успевале да го изразат својот револт и своите потреби да критикуваат, да се бунат против оние кои ги угнетуваат и да се борат за подобрување на својата состојба. Токму во тоа се состои политичката моќ на средновековните религиозни драми: во субверзивната театарска моќ на патувачките изведувачи – велат организаторите.

Во претставата играат: Наташа Ачански, Илија Волчески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Ангела Наумоска, Марија Спиркоска – Илијески, Александар Тодески и Димитар Црцороски. Режијата е на Андреј Цветаноски, сценографијата на Сергеј Светозарев, костимографијата на Марта Дојчиновска, а за музиката одговорни се Томе Темелкоски, Димитар Ѓорѓиевски и ВИС „Војдан Чернодрински“. Драматургијата и преводот е на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска.

Сподели