Мирослав Масин со уметност ја засени политиката… и фудбалот

Невообичана енергија ја исполни старата бања, од уметници, колеги, пријатели, историчари на уметност, до луѓе кои немаат врска со уметност, но едноставно сакаа да бидат дел од настанот кој дефинитивно ќе ја одбележи годинава

Толпа народ го преплави Даут-пашиниот амам во Скопје на отворањето на ретроспективната изложба на Мирослав Масин кој изложи 150 свои дела. Невообичана енергија ја исполни старата бања, од уметници, колеги, пријатели, историчари на уметност, до луѓе кои немаат врска со уметност, но едноставно сакаа да бидат дел од настанот кој дефинитивно ќе ја одбележи годинава. Масин, кој често вели дека во неговот ателје е дозволено да се зборува за сè, освен за политика и фудбал (зашто секогаш избиваат кавги), покажа дека харизмата има моќ да привлече толпа луѓе без трошка потреба да припаѓаат на некоја фракција.

Мирослав Масин, Дита Старова-Ќерими и Маја Чанкуловска-Михајловска

Тој ја поздрави публиката со надежа сите повторно да се соберат за 10-15 години. Во преполната сала се обрати Дита Старова-Ќерими, според која изложба не е само прослава на уметноста, туку почит кон креативноста, страста, искреноста, доследноста и визијата на уметникот чии дела оставиле неизбришлива трага на македонската ликовна сцена.

– Националната галерија се грижи за валоризација, ревалоризација и презентација на значајни македонски уметници од различни генерации, почнувајќи од најстарите – основоположнички генерации па се до автори до денешната средна генерација кои имаат репрезентативни остварувања во нашиот визуелен паноптикон. Мирослав Масин е несомнено еден од нив – рече Старова-Ќерими.

Мирослав Масин уметничката кариера ја започнува под влијание на експресионизмот на Петар Мазев, а под менторство на Димитар Кондовски, Родољуб Анастасов и Душан Перчинков, за кои иако различни во пристапот, вели дека биле одлична комбинација и рамнотежа на ред, конзистентност, слобода и ерудитство. Френетичниот и динамичен, но сигурен цртеж е постојано присутен во неговите дела како скелет, структура и база во неговите композиции, а вториот мошне значаен елемент во неговото творештво е заситената, интензивна и експресивна боја.

– Денес, со еден ретроспективен поглед врз неговото четириесет годишно творештво, тоа оддишува со една поп димензија (и покрај генералната разлика во стилскиот пристап од реализам, хиперреализам, фантастична фигурација, експресионизам) и како пристап, и како привлечност, и како начин на живот, полно со интензивен колорит кој го мами конзументот на неговото дело – рече таа.

Таа посака изложбата да биде прослава на извонредното и разнолико дело на Масин.

– Но, покрај восхитот од неговите слики, таа ќе нè натера да размислуваме за длабокото влијание што уметноста го има врз нашите животи. Таа ќе послужи како доказ за трајното наследство на еден од значајните македонски уметници и нека не инспирира сите да ја прифатиме убавината што не опкружува – рече Старова-Ќерими.

Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос во Националната галерија. Според неа, Масин што веќе речиси 40 години ги руши стереотипите со своето творештво. За неговото значење за современата македонска ликовна сцена само делумно говори фактот што ова е неговата 66. самостојна изложба. Ѝ претходеле изложби во Македонија, поранешна Југославија, Нирнберг, Џенова, Софија, Стразбур, Мајен, Париз, Лондон, Шато-гонтје, Краон, Сан Назар, со што слободно може да се рангира во редот на нашите најзначајни културни амбасадори.

На оваа изложба тој се претставува со 150 дела (доминантно слики, потоа цртежи, графики, објекти) од сите периоди, а особено од последните години, односно повеќе одделни фази, почнувајќи од автопортрети, стари работи, Мајмун-човек-мајмун, реализам, пастрмки, Риба-птица-жена, Ашанте, Од кујната на Масин, Внимавајте, паѓаат јајца на око! со акцент на најновите дела од 2023 и 2024 година.

– Вечерва сведочиме на избор од современиот колористички интензивен, гестуално експресивен бестиариум на Миро Масин каде гледаме мајмуни-примати со сите хуманоидни карактеристики не само во еволутивна, туку и во психолошка, емотивна и општествена критичност, трансформации со симболична епифанија, без оглед дали допираат до реализам, надреализам или чист асоцијативен експресионизам каде фрагментите се носители на значења – рече Чанкуловска-Михајловска.

Изложбата ќе биде отворена до 15 јуни.

 

Сподели