Групата „Фолтин“ ќе одржи минитурнеја низ Македонија во текот на месецов. Првиот концерт е закажан за четврток (8 август) во Струга во рамките на 8. издание на Фестивалот на краток филм „Дрим шорт“. Концертот почнува во 22.30 часот на летната сцена пред Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Следен концерт е во Битола на 16 август, на Ркометното игралиште во 20 часот. Настанот ќе го отворат младите битолски бендови: Tzar von time, Siotto jazz и Corrosion, а специјални гости ќе бидат „Суперхикс“. Минитурнејата завршува на 25 август во Кавадарци, во Винскиот музеј – Тиквеш, во соработка со Домот на културата „Иван Мазов – Климе“.
„Фолтин“ е македонски бенд, активен од 1995 година. Настапите во живо на „Фолтин“ се театарски и во кабаре стил. Работеле на театарска и филмска музика многу пати, меѓу кои „Медена земја“ и „Исцелител“. Текстовите на првите три албуми на бендот се мешавина од фонетски имитации на јазици, вклучувајќи шпански, француски, романски и португалски. Бендот се појавил на музички и театарски фестивали во Македонија, Хрватска, Италија, Австрија, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Бугарија, Унгарија, Белгија, Англија, Германија, Русија, Либан, Турција, Холандија и Франција.
Насловна фотографија: Весна Пукиќ