Во електронскиот систем се евидентирани 3355 релевантни пријави. Поради нецелосна документација, во согласност со општите услови од конкурсите, административно се отфрлени 332 пријави, информираше денеска министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска, на прес-конференцијата што се одржа во Владата. Буџетот за поддршка на проекти во културата за оваа година изнесува 12,5 милиони евра.
Министерката истакна дека оваа година, според исходот од конкурсите, културата останува во духот на разновидноста, традицијата и националниот идентитет.
– Станува збор за проекти од јавен интерес, кои ќе ги промовираат достигнувањата на нашите уметници и вредностите на домашното творештво и културно наследство, што е и една од нашите цели”, рече министерката Костадиновска-Стојчевска.

Аплицирањето за Годишните конкурси за финансирање проекти за првпат се спроведе на националниот портал за е-услуги и за првпат решенијата за прифатени, одбиени и отфрлени проекти ќе бидат електронски испратени на профилот на корисниците. Таа додаде дека и во самите извештаи на комисиите е потенцирано дека со целосното аплицирање на електронски начин, значително се зголемила ефикасноста на работата при административната селекција на проектите.
Претседатели на комисиите што ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: за литература и издавачка дејност – Исмет Јонузи; за драмска дејност – Марија Спиркоска; за фолклор и сценско-уметничка дејност – Јашар Сејдиу; за музичка и музичко-сценска дејност – Александар Трајковски; за визуелни уметности, архитектура и дизајн – Бурим Ајдини; за интердисциплинарни проекти – Кирил Пенушлиски; за меѓународна дејност – Емил Шулајковски; за заштита на недвижното културно наследство и заштита на аудиовизуелни добра – Ејуп Рамани; за музејска дејност – Петар Намичев; за библиотечна дејност – Сузана Данаилова; за инвестиции – Егзон Асани.
Комисиите кои одлучуваа во врска со пријавите по дејности, како што кажа министерката за култура, останале доследни на принципите: квалитет на проектите, нивното значење за јавниот интерес во културата, нивната релевантност за потребите на граѓаните, поддршка на младите и стимулирање на нивната креативност, поддршка на проекти наменети за деца, поддршка на културите на етничките заедници, поддршка на проекти за ранливите и маргинализираните, како и принципот на родова еднаквост. Комисиите внимавале да поддржат проекти и од подносители кои досега не користеле средства од буџетот на Министерството за култура, проекти со интеркултурен карактер и проекти што одат во полза на деметрополизација на културата, како и проекти кои ја афирмираат нашата култура и уметност надвор од границите.
Во согласност со спецификите на одделни дејности, комисиите имаа и соодветни критериуми за бодување и за што пореално вреднување на секој предложен проект, рече министерката за култура, додавајќи дека 2023 е година и на значајни јубилеи и годишнини.
Соодветните комисии го имаа предвид и овој факт, поддржувајќи квалитетни проекти во пресрет на: 60-годишнината од катастрофалниот земјотрес во Скопје, Година на Ацо Шопов, 120 години од Илинденското востание, 120 години од објавувањето на книгата „За македонцките работи” од Крсте Мисирков и 70 години од основањето на Институтот за македонски јазик кој го носи неговото име. Сто и петнаесет години од раѓањето и 80 години од загинувањето на Коста Рацин. Сто и дваесет години од раѓањето и 50 години од смртта на Никола Мартиноски. Исто така, поддршка добија и јубилеите: 115 години од раѓањето на Коста Рацин, 120 години од раѓањето на уметникот Никола Мартиноски, како и 75 години на сцената на КУД „Емин Дураку” и на КУД „Јени Јол”.
Резултатите од програмата се достапни на следниот линк.





