Eкофикцискиот роман „Министерство за иднина“ од етаблираниот писател на научна фантастика, Ким Стенли Робинсон, во превод на Игор Раиден, читателите го добија и на македонски јазик. Изданието е на „Илика“ од Скопје. За романот, на 28 јануари ќе се одржи книжевен кружок во кафе-книжарницата „Илика“ на кој можат да се пријават заинтересираните читатели преку порака на нивните социјални мрежи.
Романот ја истражува можната иднина на светот и создава детална анатомија на надежта за преживување на човекот во идните децении и векови. Занимавајќи се со климатската криза и нејзините општествени и економски последици отвора прашања за опустошувањето и зачувувањето на нашата средина.
Што ќе се случи кога топлотните бранови што ja опустошуваат нашата планета ќе почнат да стануваат сѐ пожешки и посмртоносни, а човештвото полека ќе jа губи контролата врз својата егзистенција? Ова е прашањето на кое се обидуваат да одговорат ликовите во романот „Министерство за иднина“, растргнати помеѓу колективната трагедија и своите лични судбини.
Ким Стенли Робинсон (1952) е современ американски писател чијшто опус главно е посветен на научната фантастика. Пишува романи, раскази и есеи. Особено е познат по неговата трилогија што ги опфаќа романите Црвен Марс, Зелен Марс и Син Марс, објавувани во деведесеттите години на минатиот век. За своите дела Робинсон е повеќекратен добитник на најзначајните признанија за научна фантастика, наградите „Хуго“, „Небула“ и „Локус“.





