Милош Б. Андоновски, режисер: Местата на Горан Стефановски во Кентербери ги третирам како светост

На Универзитетот на Кент каде што сум, не само што предавал нашиот Горан Стефановски, туку и Патрис Павис, еден од најпознатите театролози во светот. Се прашувам, како ли изгледале нивните дружби? – вели режисерот Андоновски

Возбудливо е да се биде студент во земја во која универзитетите се меѓу најдобрите во светот. Професорите со кои работам и ми предаваат се педагози, интелектуалци, практичари во вистинска смисла на зборот. Овде е дозволено да се испробува, да се греши, дури и се охрабрува грешењето, во споредба со поинаквиот пристап во образовните средини кај нас – вели театарскиот режисер Милош Б. Андоновски, кој во последнава година е на магистерски студии во Кентербери, Англија. Тој е еден од најамбициозните режисери кај нас, поборник за развојот на алтернативниот театар, но и за навлегување на театарската уметност во образовниот процес, посебно во средното образование. Со него разговараме за новиот предизвик и студиски престој во Англија.

Милош Б.Андоновски (фото: Брајан Арнолдс)

Магистерски студии на Универзитетот на Кент се голем предизвик. Колку возбудливо патување е ова за Вас?

– Превозбудливо, особено кога работите цел живот за патување како ова. Минатата година беше исклучително тешка за мене, пандемијата го промени текот на настаните, односите со луѓето… Но, верувам дека сè се случува во свое време и со причина. Тоа што моментално сум на магистерски студии по театарска уметност во Англија, како Чивнинг стипендист, во најмала рака е ретка можност во време во кое нема театар – да се работи театар! Чивнинг е една од најпрестижните стипендии во Обединетото Кралство. Ја доделува овдешната влада исклучиво за магистерски студии, на професионалци кои се потенцијални лидери во својата сфера. Од вкупно 60.000 апликанти од целиот свет, ја добија 1.500. Возбудливо е да се биде студент во земја во која универзитетите се меѓу најдобрите во светот. Професорите со кои работам и ми предаваат се педагози, интелектуалци, практичари во вистинска смисла на зборот. Овде е дозволено да се испробува, да се греши, дури и се охрабрува грешењето, во споредба со поинаквиот пристап во образовните средини кај нас. На Универзитетот на Кент каде што сум, не само што предавал нашиот Горан Стефановски, туку и Патрис Павис, еден од најпознатите театролози во светот. Се прашувам, како ли изгледале нивните дружби?

Сега ја подготвувате магистерската. На што ќе се однесува?

– Магистерската избрав да ја работам теориски и покрај тоа што имам и разбирање и отпор кон теорија. Но, имав потреба од еден поинаков аспект да го истражам и проучам она што го правам и работам, па не се мислев долго дали практично или теоретски да магистрирам. Прашањето „што е режија“ се покажа како прашање од кое се плашат и најголемите режисерски имиња со кои имав прилика да се запознаам и да ги интервјуирам. Кејти Мичел од Англија, Ан Богарт од Америка, нашата Зоја Бузалковска, секако и машкото трио: Иван Поповски од Македонија/Русија, Улрих Мејер – Хорш од Германија и Томи Јанежич од Словенија се режисер(к)и кои ме инспирирале, ме научиле нешто и кои, после сè, всушност, исто толку колку и мене сакаат да дознаат што одговориле нивните останати колеги на моите прашања.
Истражувачкото прашање, по безброј турбуленции додека да го формулирам, ми се јави преку насловот на збирката кратки раскази на Рејмонд Карвер „За што зборуваме кога зборуваме за љубов“, во мојот случај, секако, со мала измена на крајот: за што зборуваме кога зборуваме за режија. Моите шест режисери, колеги ми одговорија на шест прашања поврзани со нивните режисерски, креативни процеси и моментално работам квалитативна анализа на нивните одговори, односно препрочитувам, бележам кај кого што се повторува, што им е заедничко или не; толкувам и пишувам. И токму неверојатноста што една ваква режисерска шесторка ми влезе во магистерската, ми наметнува поинаква одговорност кон трудот, но и ме возбудува во процесот на пишување. Здравје, до крајот на август треба да завршам со сè.

Милош Б.Андоновски (фото: Брајан Арнолдс)

Отидовте во градот каде предаваше Горан Стефановски. Какво е чувството да се биде таму? Се чувствува ли неговиот дух на самиот универзитет?

– Аплицирав на три универзитети, два во Лондон и овој во Кентербери. Mе примија на сите, но уште од самиот почеток знаев дека ќе завршам на Универзитетот на Кент во Кентербери. Станува збор за студентски град со четири универзитети/колеџи. Горан Стефановски одамна предавал на мојот, а подоцна се префрлил на друг универзитет (Christ Church University) во градов. Мојот однос со него се засноваше на неколку разменети меjлови, смс-пораки и телефонски повици. Го работев „Хамлет“ во 2018 година, кога нè поврза професорот Унковски и му се обратив со неколку прашања, размисли за драмата. Дури имавме договорено и средба во Дебар Маало за време на неговата последна посета во Скопје, но таа средба не се случи, ниту пак можеше да се презакаже.
И покрај тоа што никогаш не сме се сретнале во живо, имам чувство како да го познавам или како да ми бил професор, поради топлината, непосредноста и отвореноста во комуникацијата. Овде го гледам и замислувам зад секој агол, седнат на некоја клупа или како гледа од некој прозорец. На мојот универзитет, за жал, не можам да кажам дека се чувствува таа енергија, но затоа, секогаш кога ќе поминам покрај универзитетот каде што последно работел – нешто ме успорува, ме загледува кон зградата и влече. Никако да ја посетам. Но, има време, ќе ја посетам, „неговите“ места во Кентербери ги третирам како места со музејска вредност.

Постер на претставата „Хамлет“ во режија на Андоновски (автор: Немања Трајковиќ)

Вие сте еден од најактивните театарски уметници/режисери што храбро работат за развој на независната театарска сцена, многу често и во неповолни услови. Изморува ли неизвесноста што секогаш виси над алтернативата?

– Ви благодарам, да, изморува, истоштува, исрцпува… Истовремено и дава: дава можност за професионален развој, истражување и оформување на методологијата, стилот… Но, не секогаш сум бил во состојба да го согледам тоа: има едно чувство дека постојано давате, вложувате во тој развој, а на крајот останувате неплатени или ви должат хонорари по година дена зашто едноставно, буџети – нема. Дали е тоа прашање на продукција и невешто менаџирање на ресурси, на (не)навремено префрлање средства од Министерството за култура до вонинституционалните правни лица или пак, можеби на отсуство на донаторска култура кај граѓаните и компаниите – не знам. Можеби е одраз на општото поимање на културата од сите нејзини чинители: артистите-ентузијасти, заспаните-и-удобно-вработени, публиката, политиките… Најсвеж пример е затворањето на „Кино Култура“. Тоа беше една идеја, која во своето неколкугодишно постоење, едвај се држеше на стаклени нозе и издржа толку колку што издржа само и само поради ентузијазмот на група луѓе што работеше во неповолни услови. Без простори како „Кино Култура“, „алтернативата“ останува безнадежна. А дали и каква, вусшност, алтернатива има во македонската култура е тема можеби за панел-дискусија.

Во последните години особено се заложувате за предметот за театарско образование да навлезе во образовниот систем во средно школо. Се помрднуваат ли работите од мртва точка или сè уште сè се сведува на тапкање по рамо дека тоа е само одлична идеја?

– Тој предмет веќе постои, но во закржлавена форма. Потребна е ревизија на наставниот план, изработка на учебник со современи содржини, обучување на кадарот… Во тек сум и следам како се одвива работата на МОН и реформите во основното образование и верувам дека, кога ќе дојде ред за реформирање на средношколскиот образовен систем, ќе успееме заедно да ги поместиме од мртва точка работите, конечно. Ако зборуваме за критички-освестена, мултикултурна, емоционално-освестена младина која ќе умее да се артикулира себеси тогаш мора да ги земеме предвид придобивките од театарската едукација, спроведена и испланирана умешно!

Сцена од „Физика на тагата“ во режија на Андоновски, Кумановскиот театар (фото: Наташа Вчкова)

Бевте на престој и во САД. Колку Ве збогатија ваквите меѓународни искуства и колку влијаеја на Вашиот режисерски печат?

– Светот е толку мал што со колешка од Чикаго, која била на истиот престој во Њујорк година дена пред мене, се сретнавме онлајн, заедно работејќи за еден тренинг центар по импровизациски театар овде, во Лондон. Таквите престои ослободуваат, отвораат видици, носат свежина во размислувањата и поттикнуваат преиспитувања на сопствените ставови за професијата и театарот, воопшто. И Англија ја доживувам како еден таков престој, магичен и инспиративен и се разбира, многу подолг од тој во САД.
Не знам како влијаеле на мојот режисерски печат, но моментално чувствувам дека во креативна смисла, можам сè и не се плашам од ништо.

Што после Кентербери?

– Погледнувам едно од погорните прашања, она со „неизвесноста што секогаш виси над алтернативата“… Не се грижам за „што после“, некако знам дека сè ќе си дојде на свое. Имам многу идеи, пред сè, порив за работа, така што би рекол дека ме чека работа после Кентербери и само убави нешта.

Насловна фотографија: Брајан Арнолдс

Сподели