На преведувачка резиденција во Скопје престојува писателката Милена Илиќ од Србија. Таа гостува на резиденцијалната програма на издавачката куќа „Готен“, поддржана од европската мрежа за превод и книги „Традуки“. Во текот на својот престој таа ќе работи на преводот на книгата „Другата страна“ од Ѓорѓи Крстевски.
Милена Илиќ е родена 1978 година во Белград. Дипломирала на Катедрата за книжевност на Филолошкиот факултет во Белград. Пишува песни и кратки раскази и преведува од македонски на српски јазик. Во 2009 година ја објавува поетската книга „Хепи микро вумн блуз“. Нејзин расказ е вклучен во антологијата на млади автори „Простор за влажниот пес“, а нејзините песни биле дел од неколку антологии.
Илиќ во моментот е една од најактивните преведувачки од македонски на српски јазик. Нејзините преводи на авторки и автори од поновата генерација на македонски писатели се објавени во релевантни издавачки куќи во Србија, како и во значајни списанија за литература. На српски јазик ги објавила преводите на следниве книги: „Поврзи ги точките“ и „Некој бил тука“ од Николина Андова-Шопова, „Одбројување“ од Фросина Пармаковска, „Страв од варвари“ од
Петар Андоновски, „Утеха за голите“ од Давор Стојановски, „Скриени желби, немирни патувања“ од Владимир Јанковски.





