Милчин ја поставува „Аудиција“ во Прилеп

„Аудиција“ од Александар Галин е новата претстава што ја подготвува театарот „Војдан Чернодрински“,  а ја режира Владимир Милчин. Станува збор за горчлива комедија, современа, денешна. Ќе играат: Јасмина Мицовска Станкоска, Ангела Наумоска, Игор Трпчески, Зоран Иваноски,  Марија С.Илијески, Наташа Ачански, Александар Тодески, Даниела Иваноска, Илија Волчески,  Михајло Миленкоски, Сара Спиркоски.

Изборот на музиката ќе биде на режисерот, за сценографијата е задолжен  Крсте Џидров, а за костимите  Марија Пупучевска.

Тоа е нашата ситуација – сегашна. Луѓето на кој начин се обидуваат да избегаат  од земјата, за да на некој начин најдат подобри можности за опстанок. При тоа, тоа е некоја очајна  ситуација, во која човек тешко може да го брани достоинството и мора да прифати неприфатливи работи, вели режисерот.

–  Затоа велам дека е горчлива комедија. Мислам дека е многу актуелна денес за кај нас. Ако режисерот не сработи со актерите претставата нема да биде добра. Претставата ќе биде добра само доколку актерите од срце го играат текстот, односно играјќи ги ликовите ни укажуваат дека  некој не’ продал, дека сме ние само стока. И тоа е страшно ако се има предвид дека младите генерации се жртви на тоа. И младите заминуваат оти не гледаат перспектива. Галин сум го работел со студенти на ФДУ, кога како студент играше  прилепскиот актер Владимир Ѓоргијоски, кој денес не е тука. Изгледа тоа што го одигра таму му се случи во животот – вели Милчин.

Сподели