Михајло Свидерски ја доби наградата „Книжевен круг“ за проза, Виолета Танчева-Златева – за поезија

Михајло Свидерски е добитник на наградата „Книжевен круг“ за проза, за романот „Синовите на Адам“ што ја доделува Друштвото на писатели „Битолски книжевен круг“, во рамките на меѓународната манифестација „Битолски книжевни паметења“. На доделувањето на наградата, критичарката Елизабета Јончиќ, истакна дека Свидерски со убедувачки уметнички јазик и стабилен раскажувачки тек нè воведува во општествениот и индивидуалниот свет на приказната за едно разрушено детство и уништен сон, а на крај, преку запечатување на доблеста на простувањето над нечовечноста, романот завршува со големо ослободување.

Наградата „Книжевен круг“ за поезија ја доби Виолета Танчева-Златева, за критика и книжевна историја  – д-р. Маријан Патлиџанковски. Наградата „Лингва“ за книжевен превод и афирмација на македонската и странската книжевност на Весна Мундишевска-Велјановска. Наградата „Лингва“ за книжевен превод и афирмација на македонската и странската книжевност на Даниела Андоновска-Трајковска. Наградата „Мозаик“ за странски автор на Никола Шимиќ-Тонин, додека наградата „Поетски исчекор“ на поетесата Елизабета К. Питулкова.

Критичарката Александра Јуруковска, романот „Синовите на Адам“ го оценува како згуснато, збиено четиво, за кое е потребно малку време, но многу сила за читање, роман на тек на свеста, во кој има многу „и бука и бес“. Поетесата и критичарка, Ирена Павлова Де Одорико, во поговорот на романот, насловен „За саботерскиот хедонизам и големото проштевање“ вели дека авторот пишува за денешно скопје, за апокалиптичниот бал на гревот, на мал географски простор со мега-фрустрации од различна природа.

„Синовите на Адам“ е објавен во 2022 година во издавачката куќа „Восток“.

Сподели