Македонските уметници Михаела Јовановска и Александар Зафировски претставуваат дел од своето творештво во „Зест галери“ во Стокхолм, Шведска. Изложбата под наслов „До хоризонталната линија“ е нивно прво претставување пред тамошната публика, а се реализира по покана од Галеријата, со поддршка од нашето Министерство за култура. Изложени се 12 дела (по шест од секој уметник), објекти на ѕид во големи формати во различни димензии, работени со акрилна боја кои иницираат наративност во статичниот, замрзнатиот елемент на времето и просторот кои го прикажуваат.

– Пределите што се прикажуваат се чисти, неизвалкани, како недопрени, разделени од взаемната смисла со само една хоризонтална линија. Но, тоа не значи дека луѓето не оставаат траги преку нивната емоција или минато дејствие. „До хоризонталната линија…“ е проект во кој Александар Зафировски работи на површина, односно просторот под хоризонтот, а јас ја отсликувам нарацијата над таа линија. Секоја страна на гледиште дадена од уметникот брани емоција во контраст на другата и пробува да игра неспојлива улога како само, свое цело, избегнувајќи го пресекот помеѓу двете што ги спојува правејќи ги единствен приказ. Овој пристап објаснува како единката чувствува постојана потреба да се разликува или одвои со своите специфики избегнувајќи да одговори за важноста на другото, избегнувајќи го хоризонтот и просторот по него – вели Јовановска.

К.Б.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.