Мето беше актер којшто имаше енергија, атомска бомба во себе, кога ќе излезеше на сцена, тоа го правеше со чудна леснотија, а во суштина, тоа е многу тешко – рече денеска актерот Благоја Чоревски
Со неколкуминутен стоечки аплауз, многу солзи, многу емоции, денес беше поздравено заминувањето на големиот македонски актер Мето Јовановски, на комеморацијата што се одржа во Драмскиот театар во Скопје, театарот каде што го помина најголемиот дел од својата театарска кариера. Актери, режисери, соработници, студенти, почитувачи на неговите лик и дело, дојдоа да оддадат почит на неговото семејство и на загубата на големиот човек.
Беше прикажана ретроспектива на најзначајните улоги како во театарот, така и на филм, но и осврт за неговата работа како професор на Универзитетот „Еуропа Прима“ во „еден прекрасен магичен сценски круг, кој живот значи“, како што самиот тој милуваше да каже.
Во гимназијата во Делчево, негов професор му предложил да ја работат „Злобна жена“ од Стерија Поповиќ и таа радост и задоволство никогаш нема да ги заборавам!, велеше тој.
Актерот Благоја Чоревски, кој уште во студентските денови во Софија другарувал со Јовановски и биле цимери, рече дека е благодарен што го имал во животот и што учел од него.
– На 1 септември 1971 заедно дојдовме во Драмски. И од тој ден до денес останавме верни на Драмски. Мето беше актер којшто имаше енергија, атомска бомба во себе, кога ќе излезеше на сцена, тоа го правеше со чудна леснотија, а во суштина, тоа е многу тешко. Еве и оваа сцена е таква и ме враќа на почетоците од пред 56 години. Мето ќе остане за мене секогаш Енчо, живеевме во иста соба, заедно со Диме Станковски – Дебелото и Ѓорѓи Стојановски. Мето беше човек што не можеше да се опише со зборови – рече Чоревски.
37 улоги во Драмски, повеќето носечки, овенчани со награди и важни места во македонската театарска историја. 97 снимени наслови, играни, краткометражни ТВ филмови,
За својата плодна работа, Мето Јовановски се закити со бројни награди: 7 пати е лауреат на МТФ „Војдан Чернодрински“ – Прилеп, доби и награда за животно дело; 5 пати ја доби „Екрановата награда“ за најдобар актер; носител на два „Златни венци“ на МЕСС Сараево; Награда за најдобро актерско остварување„Ристо Шишков“, Струмица; Награда за најдобро актерско остварување на Јоаким Фест, Крагуевац; 2 Гран-при награди на филмскиот фестивал во Ниш; 4 награди Милтон Манаки; Награда „Св. Кирил и Методиј“; 3 републички признанија 11 Октомври; Награда од град Скопје 13 Ноември; Награда за животно дело „Петре Прличко“ и други.
Му благодарам за сѐ што ми подари и како на колешка и како на пријателка. Му благодарам за сѐ што ѝ подари на нашата култура. Бев постара, тој помлад, но учев од него, ова се зборови на Милица Стојанова, чие обраќање го прочитаа актерите од Драмски.
-Во мојот професионален живот сум сретнала само неколкумина кои создавале вистински, длабок, интелектуален, но и емоционален конфликт на сцената – онаков конфликт што има консеквентност, оправданост, аргументација и кој води до огнометна катарза. Нашиот Мето е токму тоа – актерски, интелектуален и емоционален огномет. Дефиниција за креативен конфликт кој секогаш, без исклучок, брилијантно произведуваше нова, современа перспектива и на сцената и на филмското платно. Не сум сигурна дека сме имале втор толку комплетен и едновремено комплексен актер. Многубројни се неговите дарови. Пред сѐ како актер, но и како драмски писател, режисер. Но, Мето имаше и еден невообичаен дар – дарот на непредвидливото, изненадното, неочекуваното – бескрајно темелен во читањето не само на сопствениот лик туку и во читањето на сите релации кои контекстот на драмскиот текст или сценариото ги воспоставуваат. Мето правеше секогаш исчекори. Секогаш чекор понапред. Нашиот Мето успеа да го крене достоинството на професијата на највисоко ниво, и никогаш не го урниса, не го изневери па дури и во миговите кога целиот контекст беше на работ да биде урнисан. Тоа не беше лесно. И можеби затоа неретко се чувствуваше осамен и далечен – вели Стојанова.
За Јовица Михајловски, Мето беше монашки посветен на својата професија.
– Ја делевме гримиорната. Со Мето можеше да се разговара пред претстава во точно определено време. Четириесет и пет минути пред почеток на претставата тој завршуваше со секаков разговор и постануваше ликот кој треба да го толкува на сцена. Влегуваше во друг универзум, на ликот што го толкува. Имаше непријатни моменти, кога некој ќе се обидеше да му го наруши просторот во кој е навлезен. Реагираше не како Мето, туку како ликот кој го толкува. Неговата професионална посветеност често беше зачудувачка, за многумина, посебно за тие кој театарот го разбираат како простор за евтина себепромоција – ова се зборовите на Михајловски.
На комеморацијата присуствуваше и директорот на Црногорско народно позориште, Илија Суботиќ.
– Мето беше голем пријател на Црна Гора, црногорската култура и ЦНП. Пред само 20-ина дена Мето беше со нас, бројната публика и колегите од регионот, славејќи 70 години постоење на ЦНП.Мето не беше само гостин тој ден во Подгоприца, зашто во нашипт театар тој одамна се чувствуваше свој на своето, така и ние го доживувавме од 2001 година од неговата маестрална претстава „Малограѓани“.Истата година стекна стартус почесен член на Црногорското народно позириште.
Режисероот Паоло Маџели упати порака:
– Драг Мето, заедно поминавме едно животно патување кое тешко се прераскажува. Бевме млади. Скопје беше поинакво. Карамазови, па Горан… Се сеќаваш ли? Па Сплит, каде беше фантастичен во Смртта на Дантон. Па Горки во Подгорица. Па Јужна Америка. Се слушавме постојано и се сакавме. Силно. Сите знаат колку голем глумец беше и нема потреба тоа јас да го повторувам.. Се запознавме во Белград по твојата прекрасна изведба на Хамлет. Унко не запозна. Тоа е, еден живот. Жељка дојде кај мене на проба, откако сте биле заедно во Подгорица. Ја прашав, и таа ми рече: „Добар е, прекрасен како и секогаш“. Кршливи сме, драги мој Мето, тоа е тоа. И тоа е неправедно. Затоа што прекрасните актери не би требало никогаш да умрат. Разбираш? – Маџели.
За босанскиот актер Емир Хаџихафизбеговиќ, Мето беше „посебен и неповторлив“
– Од него учев и научив некои животни лекции, на пример, дека квалитетното молчење е некогаш подобро од илјада изречени зборови, како и дека нашата работа како актери, меѓу другото е збир на квалитетни паузи. Знаевме понекогаш да ги отвoраме темите за есенцијалното во театарот кое се губи во постмодернизмот и испостените од емоција неталентирани режисери. Заминувањето на Мето е голема загуба за македонската, ех југословенската, балканската култура. Драг мој колега и брате, патувај таму каде патуваат добрите и благородни луѓе, таму каде Бог ги дочекува уморните чесни луѓе. Одмори се великане. Ми беше привилегија само да стојам покрај тебе, а да не кажувам колкава привилегија беше да се глуми со тебе – напиша Хаџихафизбеговиќ.
На Мето му немаше рамен. Од првата улога Македонскиот дел од пеколот каде играше партизан, беше прва и не застана, истакна Владимир Ангелов, директор на Кинотеката.
– Од 1981 до 1991 ги одиграл најголемите улоги на филм. Во последните 20 години имаше малку. Чест ми е што јас зборувам за него од името на филмските и кинотечните работници. Имам прекрасни лични спомени од заеднички патувања – во Мадрид, во Косовската академија каде го пречекаа како ѕвезда, а најголем кеф ми направи лани кога лично ме покани да одиме во Измир, Турицја за да ја прими наградата за животно дело на Балканскиот филмски фестивал. Велеше, Владе, кај султанот идеме! Беше голем човек, чест ми е што тој ме познаваше мене, јас и вака и така ќе го запознаев како филмски уметник – вели Ангелов.
Актерот Крсте Јовановски истакна дека бил посебно среќен што последните пет години ги поминал во интензивна дружење со Мето од кого многу научил. Пред 40 години ја делеле прв пат сцената и еве сега на истата сцена зборувам за него.
На крајот на комеморацијата, неговите колеги од Драмски открија повеќе работи за Мето како личност:
– Сакаше да го посетува манастирот Св. Јован Бигорски; Наизуст ги знаеше евангелијата, Беше човек волк самотник, имаше доверба во малкумина; Ги сакаше своите ќерки, Ја сакаше својата брада, без неа не се чувствуваше свој, не сакаше да ја избричи, само малку да ја потшиша; Сакаше да носи шал, капа, карирани кошули, убави чевли и широки палта и капути; Омилена му беше виолетовата боја; Го сакаше цвеќето јоргован; Му се допаѓаше левиот профил од неговото лице; Сакаше тишина во ходниците низ театарот, пред почеток на секоја претстава.
Пиеше еспресо и кисела вода, Не сакаше да дава интервјуа. Сакаше да патува, со автомобил, сакаше долго да вози, Велеше дека животот може да се носи во една патна кожена торба, ја сакаше македонската традиционална песна. Омилена му беше „Со маки сум се родила.“
Во негова чест особено емотивна изведба имаше Вера Милошевска од „Љубојна“.