„Метаморфоза II“ од Љуљзиме Лека-Муљаку во Чифте амам

„Метаморфоза II“ е насловот на самостојната изложба на Љуљзиме Лека-Муљаку која вечерва во 19 часот ќе биде отворена во Чифте амам во Старата скопска чаршија. Лека-Муљаку припаѓа на современата уметничка сцена и ја претставува генерацијата уметници кои својата дејност ја започнале со визуелен израз од 90-тите години. Таа ќе се претстави во Националната галерија со 50 слики од различни формати, изработени во акрилна техника. Куратор на излжбата е Нарона Љума Весели.

– „Метаморфоза II“ е нов циклус на дела кој претставува реалистичен поглед на егзистенцијалните естетски вредности. Фигуративната композиција ја отсликува егзистенцијалната уметност на женската невиност и достоинство. Ликовното претставување тесно се поврзува со идејата на женскиот феномен во нашето општество и го претставува нејзиното диспропорционално присуство во видлив облик – велат од Националната галерија.

Лека-Муљаку (Скопје, 1966 година) дипломирала на Приштинскиот универзитет, на Ликовна академија, отсек сликарство, во класата на академик проф. Реџеп Фери. На истиот универзитет магистрирала и докторирала. Од 2004 година предава како редовен професор на Универзитетот во Тетово. Учествувала на повеќе од педесет групни изложби, во земјава и во странство.

Изложбата во Чифте амам ќе биде отворена до 13 април.

Сподели