Мешаниот хор на Филхармонијата од Приштина на „Охридско лето“

Мешаниот хор на Филхармонијата од Приштина вечерва во 21 часот ќе одржи концерт во црквата „Св. Софија“ во Охрид. Професионалниот ансамбл што го сочинуваат 50 пејачи ќе настапи под диригентство на Хајрула Сула.

Хорот на своевиден начин ја продолжува работата на поранешниот хор на РТВ Приштина кој беше добро познат во регионот и пошироко во 80-тите години под раководство на Рафет Руди. Хорот беше распуштен во 1990 година поради воениот конфликт, но по една деценија, во 2003 година е повторно основан, сега како дел од Косовската филхармонија. Нивниот репертоар е широк и вклучува дела од барокниот и романтичниот репертоар, па сѐ до дела од современите композитори: А. Перт, Е. Витакер, О. Гјело, Е. Ешенвалд, В. Тормис и др. Концертните настапи на хорот во изминатите години ги вклучуваат мисите и ораториумите од: Моцарт, Монтеверди, Бах, Вивалди, Бетовен и Хајдн, а изведуваат и светски праизведби на нови дела од косовски композитори.

Хајрула Сула е диригент и композитор од Косово. Студирал композиција во класата на Менди Менгиќи на Универзитетот во Приштина и диригирање во класата на Бајар Бериша. Како диригент и композитор се претставува во повеќе земји: Косово, Албанија, Германија, Бугарија, Турција, Белгија, САД и др. Во 2015 година е победник на Берлинската аудиција организирана од Спектрум концерти што му носи концерт во Берлинската камерна сала во 2016 година на кој се изведени неговиот Концерт за кларинет и дело за камерен оркестар. Посетува мајсторски курсеви кај диригентите: Тошио Јанагисава, Рене Гуликерс, Џон Армстронг, Натали Марин, а учествува и на конференции во САД и Литванија.

Сподели