Меморијална изложба посветена на Петре М. Андреевски во Слоештица

Великанот на македонскиот збор Петре М. Андреевски ја доби Меморијалната изложба во новоотворениот Мултифункционален центар во с. Слоештица, Демир Хисар. Овој простор се реновираше во изминатите 22 месеци како дел од проектните активности со поддршка од ЕУ, Министерство за локална самоуправа и Општина Демир Хисар.

Претставувајќи ја Меморијалната изложба посветена на Петре М.Андреевски, Ирена Андреевска од „Арт Поинт-Гумно“ кажа дека Петре никогаш не ја напушти Слоештица – неговата вечна инспирација и дека со оваа изложба токму во Слоештица тој продолжува да живее и по неговата смрт.

Проект-менаџерот Емилија Ѓероска им се заблагодари на граѓаните од Демирхисарско кои беа активни во изминатиот период за да се реализира проектот и заедно ги откриваа скриените атракции пред посетителите од земјата и странство и изјави:

„Ова започна како визија на неколкумина, а прерасна во гордост за цел Демир Хисар и Македонија, зошто заедно изградивме место во кое се слави духот на демирхисарци, нашата култура и гостопримливост“.

Заменик-амбасадорот на Делегацијата на ЕУ во земјата, Џулијан Васало, отворајќи го Центарот, рече дека скриените села во Демирхисарско се дестинација за детоксикација од брзиот урбан живот.

Кога сонот станува јаве! – напиша уметникот Сергеј Андреевски.
– Пред цели 14 години, заедно со Јелена и Владо Цветановски, почнавме да го сонуваме сонот дека еден ден, пирејот ќе се слави во реновираниот дом, дека ќе има простор за изложби, голема сцена, меморијална поставка за Великанот Петре. Сонувавме низ манифестацијата „Славење на пирејот“, а еве, денес, благодарение на макотрпната посветеност и љубов вложена од сите нас, нашите соработници и Слојчани, и благодарение на упорноста на еден човек Марјан Стојановски, почнуваме и да го живееме сонот! – рече Андреевски.

На отворањето настапи Зарина Првасевда

Центарот се протега на 600 м2 нуди и сместување за 14 лица, отворена сцена за настани, сувенирница и затворено фоаје за средби.

Градоначалникот на Демир Хисар – општината носител на овој проект, Марјан Стојановски, рече дека партнерството со Општина Клос од Албанија прерасна во пријателство и дека кога се има визија и добра намера резултатите се неизбежни. Слоештица денес го слави и Петре М. Андреевски и ја слави својата посебност – креативната енергија на мештаните, која отсега има и сцена за покажување.

Фотографии: Discovering hidden attractions

Сподели