Во духот на овие начела викендов се организира спортскиот настан во рамките на проектот на Обединетите Нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје
Најважно за градење на меѓусебното разбирање и доверба меѓу младите во регионот е поттикнувањето да се вклучат во конструктивни наративи, зајакнување на меѓукултурниот дијалог, инклузијата и родовата еднаквост. Во духот на овие начела викендов се организира спортскиот настан во рамките на проектот на Обединетите Нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ во Скопје. Настанот го организира Фондот за население на Обединетите нации (УНФПА) во земјава во соработка со Специјалната олимпијада, со поддршка на Делегацијата на Европската Унија и постојаниот координатор на ОН во земјава.

Целта на настанот е да промовира свест за инклузија, еднакви можности за сите и регионална соработка меѓу младите преку спортот, како основа за градење заеднички вредности и иднина. Натпреварот обезбедува платформа на младите спортисти да ги покажат своите таленти и да ја прослават различноста преку спорт и пријателство. Според евроамбасадорот Дејвид Гир, регионалниот пливачки натпревар ги обединува пливачите со интелектуална попреченост, за да ги покажат своите вештини и да ја прослават различноста.

– Настаните како овој ја потврдуваат нашата заедничка посветеност за рушење на бариерите и создавање поинклузивно општество – каде што секој поединец е ценет и каде што сите таленти се целосно искористени. Пред сè тоа е повод за забава и за учесниците и за поддржувачите – вели Гир.
За Росана Дуџак, постојан координатор на ОН во земјава, светот на спортот е многу повеќе од постигнатите резултати. Тоа е најдобрата функционална платформа за зближување на луѓе од различни етнички групи, нации, култури, религии и можности.

– Ова е нешто што мора повеќе да биде ценето и поздравено, бидејќи е витален механизам за уривање на постоечките бариери меѓу различните групи, без оглед на причината за разликата меѓу нив. Во тој дух, неизмерно сум горда што сум денес овде и што можам да го најавам овој прв од ваков вид Регионален натпревар во пливање што се организира како дел од проектот Млади за инклузија, еднаквост и доверба, финансиран од Фондот на ОН за градење мир – вели Дуџак.
Џон Кенеди Мосоти, директорот на УНФПА за земјава ја истакна целта на иницијативата да ги засили гласовите и аспирациите на младите луѓе од Западен Балкан.
– Нашата цел е да обезбедиме платформа за ангажман, да ги обединиме младите од различно потекло, да поттикнуваме комуникација и размена преку спорт, култура, граѓанско образование и проекти во заедницата – рече Мосоти.

Матео Секи, спортски менаџер на Специјалната олимпијада Европа Евроазија, изрази благодарност за добиената поддршка.
– По успехот на турнирот во кошарка Специјална олимпијада Западен Балкан чиј домаќин беше Специјална олимпијада Албанија минатата година, ова пливачко натпреварување е уште еден заеднички чекор кон донесување квалитетни спортски можности и инклузија во овој регион – рече Секи.
Натпреварите се одржаа вчера, а денеска напладне се планирани финалните натпревари и церемонијата на доделување награди. Проектот на Обединетите нации „Млади за инклузија, еднаквост и доверба“ (2022-2024) е посветен на поттикнување на конструктивни наративи, меѓукултурен дијалог и родова еднаквост меѓу младите во Западен Балкан. Преку различни активности, вклучително спорт, култура, граѓанско образование и проекти во заедницата, иницијативата има за цел да поттикне меѓусебно разбирање и доверба во регионот, додека се бори против негативната пропаганда, говорот на омраза и дигиталното насилство.





