Меѓу делата на Кондовски во Даут-пашин амам завршија Струшките вечери на поезијата

Со аудиозапис со гласот на годинaшниот добитник на „Златниот венец“, јапонскиот поет Шунтаро Таникава, кој поради поодмината возраст не дојде во Македонија, синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопjе заврши 61. издание на Струшките вечери на поезијата. На поетското читање учествуваа 18 поети од странство.

Таникава ја читаше песната „Да посадиш дрво“. Англискиот препев го прочита јапонскиот поет Јасухиро Јоцумото, а македонскиот препев – Зоран Анчевски, кој ја препеа песната на македонски.

Годинава специјален гостин на фестивалот беше лауреатот од 2020 година, израелскиот поет Амир Ор. Наградата „Браќа Миладиновци“ за 2022 година за најдобра поетска книга меѓу две фестивалски изданија на СВП му беше врачена на македонскиот поет и книжевен преведувач Зоран Анчевски за збирката „Збунети компаси“. Признанието „Мостови на Струга“ што УНЕСКО и СВП го доделуваат за најдобар поет-дебитант му беше врачено на италијанскиот поет Џерардо Мазучо.

 

Во рамки на фестивалот имаше и меморијално чествување на доајенот на македонската поезија Радован Павловски, а објавена беше и тематската антологија „Музика, секогаш и уште (поезијата во дијалог со музиката)“, која ја приреди македонскиот поет, раскажувач, есеист, теоретичар и преведувач Владимир Мартиновски. Годинава фестивалот се одржа под мотото „Ритамот на стихот, ритамот на животот“.

Во Даут-пашиниот амам во тек е ретроспективната изложба на творештвото на Димитар Кондовски.