Матерхорн: Кога природата нема да те столчи, туку ќе ти подари вечност

Влатко Деловски и Владимир Ѓоргиевски-Бабушо пред половина година во еден здив (поточно во еден ден), го искачија Матерхорн – Мајката на сите алпски врвови кој очигледно не го влече своето име само од етимологијата. Колку е редок и минлив овој дар што одненадеж го исполнува срцето

И по цена на прифаќањето дека човекот е ништожен и немоќен пред силата на природата, сепак, каде и да поминува, а особено во помалку достапни места, позади себе остава трага. Тој стремеж секогаш е тука, токму тука, насекаде околу мене. Колку вчудовидува вдахновението дека човекот со својата трага е мерка за мерливото и немерливото? Колку е редок и минлив овој дар што одненадеж го исполнува срцето. Секогаш оваа мисла ми се врти во главата кога ја гледам мојата маленкост пред лицето на планината и карпата, вели Влатко Деловски, етнолог, лингвист, алпинист…

Пред половина година со Владимир Ѓоргиевски-Бабушо во еден здив (поточно во еден ден), го искачија Матерхорн – Мајката на сите алпски врвови кој очигледно не го влече своето име само од етимологијата. Со Деловски раговараме за ова неверојатно искуство, за љубовта кон аплинизмот, планинарство, кон природата и животот воопшто, за длабоката верба во човекот (партнерот) кому безрезервно му го доверувате животот, за семејството за кое вреди да се живее, за вистинските вредности без кои не може да се живее.

Летово со Владимир Ѓоргиевски го искачивте Матерхорн, висок 4.478 метри надморска височина, симбол на алпинизмот. Зошто Матерхорн се смета за врв (не само географски) во алпинизмот во Европа, па и во светот?

– Матерхорн или мајката на сите алпски врвови со неговата ипостас импозантно се издигнува над околината, па токму заради неговиот лик – пирамидална структура е архетип за врв. Иако не е највисок на Алпите, Матерхорн сепак е технички врв и не толку достапен, да речеме како Монт Блан, Арарат, Елбрус, Килиманџаро итн., па затоа се смета за симбол на алпското планинско искуство и алпинизмот. Потребни се добри психофизички подготовки, одредени предзнаења (работа со јажиња и опрема) и вештини (алпско и качувачко искуство: по гребен, по карпи) за да се совлада предизвикот што се издигнува пред вас како карпест стожер врз кој молчевито се спушта и сонцето и месечината.

Она што е добро тука да се нагласи е дека: технички карактеристики за насоката од типот AD+, III+/IV, 649м, апсолутно ништо не значат, ако најпрвин не се земе предвид планинарското алпско искуство и, секако, сите комбинирачки фактори (време, услови in situ, ветер, висина, должина, опрема, товар, психофизичка спремност и др.). Сè на сè вистинско алпско искуство, вредно за почит! Токму затоа се смета за benchmark и круна на планинарството во Европа, воедно предизвик за многу планинари и алпинисти ширум светот.

Го искачивте во еден ден, од подножјето на врвот од италијанска страна, во должина од околу 2.000 м.н.в. Што е најголемиот предизвик во овој подвиг и зошто не поаѓа секому, секогаш од рака?

– И по цена на прифаќањето дека човекот е ништожен и немоќен пред силата на природата, сепак, каде и да поминува, а особено во помалку достапни места, позади себе остава трага. Тој стремеж секогаш е тука, токму тука, насекаде околу мене. Колку вчудовидува вдахновението дека човекот со својата трага е мерка за мерливото и немерливото? Колку е редок и минлив овој дар што одненадеж го исполнува срцето. Секогаш оваа мисла ми се врти во главата кога ја гледам мојата маленкост пред лицето на планината и карпата. Во случајов, оваа маленкост служеше барем за добра цел. Заедно со другар ми и партнер Бабушо го искачивме Матерхорн во еден ден преку Lion ridge/Cresta del Leone (од италијанската страна и класика).

Не е вообичаено овој врв да се качува во еден ден, оти најчесто се преспива или во Абруци (дом на 2800 м.н.в) или во бивакот Карел (3800 м), па во утринските часови се тргнува кон врвот. Искрено, не знам дали има други Македонци што директно од Breuil-Cervinia (од подножјето на врвот 2000 м.н.в) го искачиле врвот во еден ден од италијанска страна – не е ни важно, важно е што тоа нам не ни беше намерата, впрочем на еден начин бевме ненамерно предизвикани да го искачиме во еден ден, оти немавме време да чекаме, та проценивме дека имаме само „мал чист прозорец“ од добро време во вторник на 08.08.

Сепак, на „прозорецот“ тој ден стоеше едно сомнамбулно проблеснување со лошо време и лоши временски прилики (силен северен ветер, густи облаци, верглас, снег). Тоа го сведочеше самата планина: само неколку групи од планинари се движеа нагоре. Бевме сведоци и на спасителна акција со хеликоптер што спасува двајца планинари кои страдаа од хипотермија. Патем, двајца водичи, кои заради лошото време не успеаја да ги качат клиентите на врвот, кај Enjambee (седлото меѓу Pic Tyndall и Matterhorn) нè убедуваа да се вратиме, оти условите беа прелоши, но ние веќе бевме донеле одлука да продолжиме.

И не згрешивме: на врвот стасавме во 15 часот и 10 минути (што воопшто не е вообичаено!) после 10 часа и 58 минути качување од туристичкото место Breuil. Тој ден само две наврски се качивме на врвот, ние и двајца Полјаци. На враќање, во бивакот Карел каде што преспавме, стигнавме во 20 часот.

Колку е важен партнерот во вакви потфати? Што значи да се има доверба за да го ставите животот во негови раце и обратно? 

– Во негово присуство сè лажно е невозможно! Просто е невозможно човек да е уверен во зададената мисија без својот партнер. Со партнерот повеќе имате интуитивно разбирање отколку знаење. Тој однос преминува преку сè она што не е од суштинско значење и се фокусира само на она што е најзначајно и потребно – безбедноста.

Влатко Деловски (лево) и Владимир Ѓоргиевски-Бабушо

Внимателен е до најконкретни и најситни детали. Дури ни прошетката со него не е забава, туку свет чин. Со него се дружите во целосна едноставност, никогаш не запрашувајќи се што да кажеш. Таков е односот со некого кому си го доверил живот. Таква вера поместува планини, верувајте ми!

Опишете ни го со една реченица чувството кога стапнавте на врвот.

Кога стапнавме на врвот времето беше многу лошо и буквално се задржавме само неколку минути, но во главата ми се заврти една многу суштинска помисла: Да се држиме цврсто за крстот! Ќе дуваат разни ветришта, но секогаш има начин да се оди кон врвот! Со Божја помош.

Кои се најголемите препреки за индивидуалци од Македонија кои се занимаваат со овој спорт – од елементарните услови за подготовка до моментот на освојување на врвот и враќањето дома?

– Голема мудрост во животот е човек да избере нешто за хоби или професија што непосредно е врзано со неговото постоење, природа, околина и сл. Сметам дека човекот е околностите што го окружуваат. Во цела Македонија, доволно е само да излезете од својот двор и веднаш сте на планина. Тоа значи дека природните услови за подготовка се повеќе од доволни, останува да се задоволат елементарните инфраструктурни услови за развој на кој било спорт, што главно зависат од државата и општеството и секако од личните амбиции и стремеж за борба единствено против себеси. Најважна карактеристика, барем за овој спорт, е доследно почитување на правилата при практицирање на истиот. Безбедноста и сигурноста на прво место!

Колку и да звучи како клише, овие два принципа се насушно потребни повеќе од лебот, за безбедно враќање во домот. Многу често се случува да бидеш само на два метра до врвот, но ако планината, карпата и сл., не дозволува – тогаш задолжително стоп! Најголемите несреќи главно се предизвикани од човечки фактор и тогаш кога тврдоглаво целиме да стигнеме до врвот. Морам да кажам дека врвот, барем во качувањето карпи, просто и не постои. Може петметарска карпа да биде потешка од Матерхорн, па тој што тргнал да освојува врвови, а сака да се занимава со качување по карпи, целосно го промашил спортот. Качувањето по карпи е процес кој во суштина е пораз, затоа бара помалку суета, силен дух, трпение, трудољубивост и издржливост.

Колку државата инвестира во развојот на алпинизмот и сродните спортски дисциплини? Како да се постави здрава основа која ќе може потоа да се надградува?

– Не би рекол инвестира, туку животари. Иако се прават обиди – што се за поздравување, сепак далеку сме од врвен спорт. Ако се земе предвид дека спортот и културата се најголеми амбасадори на државите, тогаш морам да кажам дека нас повеќе нè интересира дневно политичка ситничавост и лукративна мисла, отколку некакво вистинско родољубие и општествена одговорност.

Најпрвин, за да имаме каков било спорт, треба спортска инфраструктура – што некогаш не значи премногу пари, туку повеќе намера, добра волја, знаење, платформа и сл. Ете, на пример, ние како Спортско-качувачки клуб „Вертикал“ од Битола немаме никави услови за практицирање на нашиот спорт, една многу мала вежбална што жал ми е да ја споменам, а постоиме и бележиме успеси веќе 20 години, згора на тоа од 2020 веќе сме олимписки спорт. Не паметам некој значително да ни помогнал!

Друга забелешка кон централната и локалната власт е потребата многу повеќе да се вложуваат во индивидуалните спортови. Кога велиме спорт, не мислиме само на фудбал, ракомет, кошарка. Знаете, накрај, сè се сведува на тоа дека редно време е да изградиме систем и правилен пристап кон спортот, за да се покажеме како општествено одговорни барем пред иднината на нашите деца. Во спротивно, демотивација, комплекс на помала вредност, бегство, униние и култура на себесожалување и роптање. Што ќе одбереме зависи од нас.

Општинскиот сојуз на спортови од Битола деновиве ви оддаде признание на двајцата. Како Ве мотивира ова да продолжите да се занимавате со аплинизам?

– Искрено се радувам што оваа награда беше и ќе биде голема радост за ќерка ми, која стално ќе се сеќава на тој момент, оти на самата манифестација, пред бројна публика, ù ја врачив наградата и ја посветив токму на неа. Верувајте ми, единствено само тоа ми значи многу.

Инаку, реално пред Матерхорн сме имале потешки искачувања на карпи во Јордан, Италија, Бугарија, Грција…, но оваа награда е посебна оти сметам дека на овој начин се афирмира спортското качување кое веќе од 2020 година е олимписки спорт и нашата федерација (МСКФ), но најмногу СКК „Вертикал“ од Битола, каде сум член и претседател, кој оваа година слави 20 години од своето постоење. Нека му е вековит и честит значајниот јубилеј, со овој наш скромен придонес.

7. Од почетоците на Градежен факултет, до дипломска работа на Институтот за етнологија и антропологија, магистратура на Институтот за македонска литература, денес работите во Заводот и музеј во Битола. Во меѓувреме еден куп различни афинитети и искуства во различни сфери… Како различните искуства влијаат во градењето на личноста, духовноста, внатрешниот свет на еден човек?

– Добро сте запазиле дека лунѕам „наоколу“. Достојно е да ја продолжам оваа низа што веќе ја бевте спомнале, кажувајќи дека веќе не работам во Завод и музеј Битола, туку во ново руво сум на позиција в.д. директор во новата Национална установа – Манифестација „Смилевски конгрес“ во село Смилево, Демир Хисар. На крајот од април, почеток на мај, ве покануваме да бидете наши гости на тој светол настан. За Манифестацијата чиј етос е во современата квалитетна авторска култура и уметност низ трагите на традицијата ќе говориме во друга прилика.

Да се навратам на сите тие искуства што ги спомнувате за мене. Тие се „жива вода“ која ми донесува внатрешна радост и задоволство, но главно ме исцелува од сè она што е ниско и ситничаво во човека: суета, самоафирмација, величање на себеси, страв! Ми изгледа дека во светот нема повеќе мирно, смирено, радосно и слободно стоење пред животот како најголем дар. Напредокот на човекот му донел желба да живее „поцелосно“, но не му кажал, ниту може да му каже што е животот и за што служи. Сè оди на подобро, но не и напред! Како замена за смислата на животот, прифаќаме разноразни идеи, идеологии, вештачења. Борбата за слобода, во која не е баш јасно за што се бориме, се претворила во служење на некого и за нешто. Човекот станува неспособен да ги набљудува радостите во животот, оти до гуша се заплеткал во активности.

Причината за тоа, вели Шмеман, е истата онаа надменост која се обидува да ме убеди дека сè зависи од мене, дека сè е поврзано со мене. Тоа ЈАС ја исполнува целата реалност и падот почнува. Ослободувајќи се од себеси и од оваа полноважност на својата суета, човек навистина почнува да живее во полнотата на радоста. И навистина, започнува да се радува на ситници, да ги забележува сите ситни промени кај своите деца, да се одрекува од сложености, морализирања и други тривијалности. Накрај, велам, да се радуваме на едноставноста во животот, оти радоста е пропаст на тагата и најсилно оружје против секое помрачување.

Што сметате за свој најголем подвиг досега?

– Јосиф и Коприна.

Фотографии: Влатко Деловски, Владимир Ѓоргиевски-Бабушо, Општинa Битола

Сподели