Со предложениот модел, ученикот се стекнува со слабо општо образование коешто професионално го сведува во категорија на НИШТО, вели проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова, раководителка на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје
Фондот на часови по предметот Математика во сите четири години од гимназиското образование да биде од 4 часа неделно како апсолутен минимум за стекнување на посолидна математичка основа, којашто не може да се очекува од таканаречениот предмет „напредна математика“. Со предложениот модел, ученикот се стекнува со слабо општо образование коешто професионално го сведува во категорија на НИШТО, вели проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова, раководителка на Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје, како реакција на новата предлог-концепција за гимназиско образование која ќе биде отворена за јавна дебата до крајот на месецов.

Проф. д-р Весна Целакоска-Јорданова
Математичарите реагираат што во новиот документ не е интегрирана ниту една забелешка што ја дале пред една година кога Концепцијата беше за првпат претставена пред јавноста. Вчера реагираше проф. д-р Ламбе Барандовски од Институтот за физика, кој е категоричен дека предлог-документот треба итно да се повлече и да се направи сосема нов. Во серија текстови на Умно.мк ги претставуваме ставовите на стручната јавност.
Како ја оценувате новата предлог-концепција за гимназиско образование? Кои се најголемите слабости?
– Новата концепција за гимназиско образование е направена, произволно, без да се има увид за бројноста на постојниот кадар од наставните предмети, за оние што чекаат на пазарот на трудот, но и за оние што наскоро заминуваат во пензија. Такви податоци, коишто се суштински за едно образложение, во оваа концепција ги нема, како што ги немаше и во претходниот предлог во јануари 2025 година. Покрај тоа, авторите на Концепцијата не го промениле ставот, т.е. не сметаат за неопходно дека еден ученик треба да го профилира своето гимназиско образование во одредено подрачје, како што беше досега (не само во последните 10-20 години, туку и подолго). Досегашните насоки ПМА, ПМБ, ОХА, ОХБ, ЈУА и ЈУБ, се сведени на општо (потпросечно) образование. Тоа се должи на изборност на предметите во две категории, од каде што се очекува ученикот самостојно да избере профил од одредени понудени предмети. Во овој дел има две замки: прво – кој ја гарантира изборноста за одреден предмет ако нема доволен интерес (во смисла на формирање паралелека и ангажирање наставник(ци)) и второ – опасност од лутање на ученикот низ наставниот план. Оваа концепција нуди високо ниво на изборност, поголемо од 40 отсто. Од нашето долгогодишно искуството (на факултетите десетина-дванаесет години се спроведуваше изборност од 40 отсто), големата изборност не дава добри резултати.
Во таа смисла, Институтот за математика сè уште цврсто стои зад ставот дека треба, цитирам: „да се воведат профили за гимназиските паралелки како што се: природно-математичко подрачје, математичко-информатичко подрачје, општествено-хуманитарно подрачје, јазично подрачје, уметничко подрачје и сл. Дипломата што ученикот би ја добил со матурата би била во тоа подрачје. Со предложениот модел, ученикот се стекнува со слабо општо образование коешто професионално го сведува во категорија на НИШТО.“
Кога беше првично објавена лани, што препорачавте да биде имплементирано по предметот Математика, што од препораките е прифатено?
– Нашето барање, како Институт за математика, се однесуваше на фондот на часови за задолжителниот предмет Математика во сите четири години од образованието. Цитирам: „фондот на часови по предметот Математика во сите 4 години да биде од 4 часа неделно (како апсолутен минимум за стекнување на посолидна математичка основа, којашто не може да се очекува од таканаречениот предмет „напредна математика“) и да се воведе задолжителност на предметите од природните науки и информатика, во зависност од подрачјето за кое се определил ученикот.“ Барањето беше дадено со следново образложение, цитирам: „Од резултатите на ПИСА тестовите (од последните 20 години) по математика би требало да се заклучи дека само 3 часа неделно од Математика како задолжителен предмет не се доволни. Со оглед на примери од околните земји (на пример Србија), но не само тие, туку и во ЕУ, која има 4 и 5 часа неделен фонд математика како задолжителен предмет, би требало да се усвои слична стратегија, доколку сакаме нашите ученици да имаат поголеми постигнувања на меѓународните тестови.“ Ништо од ова не е земено предвид.
Во сегашниот, како и во претходниот наставен план е предвиден само еден предмет „Напредна математика“ (чија содржина од самиот наслов е нејасна) со 3 часа неделно во четврта година. Со укинувањето изборни предмети по математика во втората и во третата година од школувањето се прекинува работењето со учениците заинтересирани за математика (посебно за оние коишто имаат интерес да се запишат на техничките или на природно-математичките факултети), а секако ќе се изгубат и работни места за професорите по математика.
Како ќе се одрази ваквиот вид гимназиско образование на средношколците, следствено па според тоа и на студентите што ќе дојдат да студираат на Институтот за математика?
– Долги години се забележува пад во квалитетот на основното и на средното образование во Македонија. Тоа особено се должи на несреќниот „експеримент“ со таканаречената „Кембриџ програма“ којашто недоволно бараше од учениците и беше под секое претходно ниво, а стекнатите знаења натаму беа недоволни за напредување во средното образование, коешто се одвиваше по програма што беше по стариот модел и бараше од учениците дополнителни напори за разбирање и учење. Лично сметам дека очекувањата на МОН, дека нешто драстично ќе се смени на подобро во поглед на квалитетот и во поглед на резултатите на меѓународните тестирања, нема да се исполнат.
Гимназиското образование треба да им даде на средношколците не само широко образование, туку и самодоверба дека се способни да размислуваат критички и упорност да ги надградуваат своите знаења. Таквата подготовка создава студенти што се способни да се вклучат во високообразовниот процес со логично и аналитично размислување, но и со дисциплина и самостојност. За Институтот за математика, во однос на оваа Концепција, значи дека треба да ги надополни недостатоците во средношколското образование за да создаде иден кадар за наставна, теориска и применета математика, којшто ќе има стабилна интелектуална основа и што понатаму ќе овозможи негов професионален и академски напредок. Се надеваме дека идните студенти ќе бидат доволно мотивирани и ќе покажуваат ентузијазам да го надградат своето знаење.





