Здружението на жени менаџери „Елит“ му ја додели наградата „Големо срце“ на младиот маратонец и хуманист Марко Пејчиновски, во знак на признание за неговата извонредна храброст, спортски дух и несебична посветеност на хуманитарните цели. И покрај сериозните здравствени предизвици со кои се соочува од најрана возраст, Пејчиновски стана инспирација, не само во спортот, туку и во целото наше општество. Со своите маратони, меѓу кои и препливувањата на
Охридското Езеро, тој не само што ги поместува границите на човечката издржливост, туку испраќа и силна порака за надеж, верба и поддршка на лицата со ретки болести.
Неговите спортски подвизи се секогаш поврзани со хуманитарна мисија – подигање на јавната свест и обезбедување поддршка на оние на кои им е најпотребна. Наградата „Големо срце“ му беше доделена како признание на млад човек кој со својот пример покажува дека вистинската сила доаѓа од срцето.

Освен плакатата, му беше доделена и парична награда што им ја подари на деца со сериозни здраствени проблеми.
„Марко е доказ дека годините не се мерка за големината на делата. Неговата истрајност, човечност и позитивна енергија се инспирација за сите нас, потенцираше Андреа Илоска, врачувајжи му ја наградата. Со оваа награда, Здружението на жени менаџери „Елит“ продолжува да ја поддржува и промовира хуманоста, солидарноста и позитивните примери во нашето општество, верувајќи дека токму ваквите личности го менуваат светот на подобро – истакна претседателката, Ленка Угриновска.
Наградата „Големо срце“ која се доделува петта година по ред, беше врачена на 6 февруари во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид.





