Марио Ванчоски, олимпиец: И во Македонија можам да стекнам добро образование

Ванчоски матурираше во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип и според постигнувањето на една од олимпијадите постигна врвен резултат – трет најдобар во светот во експерименталниот дел. Тој денеска ги почнува студиите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје

И во Македонија има многу добри услови за студентите. Сметам дека тука ќе стекнам добро образование, вели Марио Ванчоски, олимпиец кој годинава освои два медала за Македонија на меѓународните олимпијади по хемија во Бело Хоризонте, Бразил и во Дубаи. Тој денеска ги почнува студиите на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет, во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Ванчоски матурираше во гимназијата „Славчо Стојменски“ во Штип и според постигнувањето на една од олимпијадите постигна врвен резултат – трет најдобар во светот во експерименталниот дел.

Сојузот на хемичарите и технолозите на Македонија (СХТМ), научно здружение што ги организира натреварите по хемија во земјава и на меѓународно ниво, вчера на Институтот за хемија ги претстави резултатите од годинашните успеси. Покрај натпреварувачите на свеченоста присуствуваа министерската за образование и наука Весна Јаневска, деканот на ПМФ, Даворин Трпески, рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин, многу универзитетски професори, наставници, соработници, родители.

За првпат по 11 години учество на СХТМ на меѓународните натпревари, Министерството за образование и наука им ги намири трошоците за котизација и за патни трошоци за една олимпијада. Министерката Јаневска рече поддршката на талентираните ученици ќе продолжи и дека во тек е подготовка на концепција за талентирани ученици. Таа им се обрати на олимпијците:

– Многу е значаен вашиот успех, прво заради вас лично. Вие сте амбасадори на оваа земја. Не е едноставно во држава како Македонија да се обезбедат пари за сите што учествуваат на олимпијади. Среќна сум, зашто потекнувам од академската средина, го препознавам вашиот талент и направивме напори да го покриеме котизациите и трошоците за пат. Оваа поддржа нема да престане. Но, не треба само олимпијадите да ви бидат цел. Можете многу повеќе од ова. На вас останува државата. Колку ќе вложите во себе, таква држава ќе градите – им порача Јаневска.

Таа се заблагодари на компаниите што ги поддржуваат овие натпревари како дел од нивната општествена одговорност и рече дека на тој начин ја поддржуваат и државата. Сојузот ù подари Благодарница за поддршката и за напорите да се направат измени во Законот за средно образование кој отвори пат МОН да ги поддржува овие натпревари.

Проф. д-р Даворин Трпески, декан на ПМФ ги поздрави присутните, им честита на олимпијците и се заблагодари на МОН и на компаниите што ги поддржаа тимовите.

– Тоа беше товар за нашите сојузи по хемија, физика, математика, биологија … Годинава МОН го реши овој повеќегодишен проблем и отсега нашите олимпијци можат да бидат сигурни дека ќе бидат финансирани од Министерството, а ПМФ и натаму стои зад нив, ќе ги помагаме со нашите капацитети, лаборатории и со сите потребни ресурси подготовки – рече Трпески.

Проф. д-р Муха Буклески од Институтот за хемија, еден од менторите на олимпијците објасни дека СХТМ 11 години го организира учеството, а првпат добива поддршка од МОН.

– Ова е огромно олеснување за организацијата и за Сојузот на хемичарите кој претходно, секоја година, мака мачеше со обезбедување финансиски средства. Се надевам дека ова е веќе надминато и во иднина без проблеми од овој тип ќе се фокусираме на подготовките и постигнувањата на уште подобри резултати – рече Буклески.

Младите олимпијците презентираа како поминале на Менделеевата олимпијада во Бело Хоризонте и на Интернационалната олимпијада по хемија во Дубаи. Беше убаво да се види дека освен посветеноста на науката, тие имаат љубов и кон културата и уметноста, одлично се дружат и имаат добра смисла за хумор. Буклески редовно, со години ги подготвува тимовите за овие натпревари и беше награден со огромен аплауз. Тој потенцира дека е само дел од еден систем во кој безрезервно се даваат многу членови на СХТМ и Институтот за хемија.

На свеченоста беа доделени благодарници на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин кој со години го поддржува македонското учество на Менделеевата олимпијада, на новинарката Весна Ивановска-Илиевска и порталот Умно.мк за медиумската поддршка на таленираните ученици, менторите од средните училишта, универзитетските професори и компаниите кои редовно ги помагаат натпреварите.

Сподели