Пијанистот Марио Маријани, кој синоќа настапи во Кинотеката, пред десет години направи интересен музички експеримент – цел месец свиреше во пештерата Монте Нероне.

Познатиот пијанист Марио Маријани учестуваше синоќа во одбележувањето на јубилејот 700 години од смртта на Данте и изведуваше музика според првиот долгометражен нем филм „Пеколот на Данте“. Настанот го организираше италијанската амбасада во земјава, во соработка со Кинотеката. Ова е трета посета на Маријани на Скопје. Исто така по покана на италијанската амбасада, пред две години гостуваше исто така во Кинотеката, свирејќи на немиот филм „Кабирија“ од 1914 година, првиот нем филм со оригинална музика во него.

Маријани на изведбата на филмот „Пеколот на Данте“ (фото: Илија Павлов)

Концертот посветен на Данте, пред скопската изведба беше реализиран во два града во Италија. Едниот од нив беше на фестивалот Театро либеро Монте Нероне, чиј основач е Маријани. По Скопје, следува настап во Грузија.

Овој пијанист сака да импровизира, да соработува со различни уметници. Ни вели дека не ја смета својаста музика за импровизирачка, туку повеќе – спонтана композиција.

– Ја слушам музиката што штотуку ја компонирам. Мојот избор е да го знам многу добро филмот за кој правам музика. Совршено го знам филмот, но музиката секогаш е нова. Публиката ужива на концертите, јас комбинирам класични елементи. Не го правам како што прави Џон Кејџ на пример, тој е голем мајстор и филозоф за мене и многу го почитувам, но јас сакам да тргнам од идејата дека моето пијано е неподготвено. Кај Кејџ, нема импровизација – вели Маријани.

Марио Маријани (фото: Луиџи Анџелучи)

На прашањето што значи Данте Алигиери за Италија денес, пијанистот вели:

– Данте не е доволно испочитуван и ценет, според мене. Се изучува на училиште, се учи „Пеколот“ и толку. Тој е голем поет, но не е доволно експониран. Неговата терца е многу важна за литературата.

Марио Маријани пред десет години направи интересен музички експеримент. Цел месец свирел во пештерата Монте Нероне.

– Останав таму еден месец, 11 јули до 11 август. Внесов пијано, имаше место за 100-ина луѓе публика. Повеќе од 1000 луѓе дојдоа во периодот од еден месец. Беа љубопитни да го видат чудниот пијанист што свири во пештера. Снимив многу часови музика и за мене само 20 минути беа добри. Сакав за 10–годишнината од концертот да издадам албум. Во јануари 2020 го снимав звукот во пештера. Снимив и од тоа излезе мојот петти албум V.I.T.R.I.O.L. Во позадината на овие зборови стои – треба да влезеш внатре во длабока земја ќе го најдеш чистото срце – вели Маријани.

Театро либеро дел Монте Нероне е фестивал што го организира Маријани

На неговиот фестивал што го организира во лето Театро либеро дел Монте Нероне, публиката може да си зема и вреќа за спиење. Најчесто музичарите свират по полноќ до рано наутро.

Маријани пишува и филмска музика.

– Само што завршив со музика за филм што учествуваше на Венецискиот фестивал. Два пати имам пишувано музика за отворањето на фестивалот. Сега правам музика за серија за девојка што беше киднапирана во 2001, а другиот ангажман ќе биде филм на филм на Виторио Морони – вели Маријани.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.