Филмската критичарка Марина Костова е избрана за потпретседателка на Меѓународната федерација на филмски критичари – ФИПРЕСЦИ. Таа е прва критичарка од Македонија во раководството на Федерацијата во нејзината стогодишна историја. Нов претседател на Федерацијата е Ахмед Шауки од Египет, а за потпретседателки се избрани и Паола Касела од Италија и Елена Рубашевскаја од Украина.
ФИПРЕСЦИ е една од најстарите професионални организации во светот, што обединува здруженија на филмски критичари од 90 земји на сите континенти. Изборот на новото раководство со четиригодишен мандат беше на Генералното собрание во Будимпешта што се одржа на 17 и 18 септември.
– Функцијата ја сфаќам како огромна чест, не само за мене лично туку особено за македонската секција на ФИПРЕСЦИ која, иако една од најмалите, е особено активна во жиријата на бројни филмски фестивали во светот. Почнуваме нова ера на Федерацијата со прекрасен и посветен тим. Ќе работам на враќање на почитта и поддршката за независната филмска критика, на развивање иницијативи што ќе ја користат оваа платформа за застапување на нашата професија. Особено ќе се ангажирам за создавање партнерства меѓу ФИПРЕСЦИ и нејзините национални секции, посебно со малите како нашата во Македонија. Заедно, можеме да ја зајакнеме соработката со фестивалите, да соработуваме со засегнатите страни од филмската индустрија и да ја потврдиме неопходната улога на критичките гласови во филмската уметност – вели Костова.
Таа е филмска критичарка и наградувана новинарка, заменичка-главен уредник на Сакамдакажам.мк. Учествувала во жирија на ФИПРЕСЦИ, меѓу кои и на фестивалите во Венеција, Оберхаузен, Виена, Луксембург, Сараево, Истанбул, Солун и други. Авторка е на неколку книги и е во авторскиот тим на првиот македонски Речник на медиумската писменост. Македонската секција е и меѓу најстарите професионални здруженија во земјава.
Создадена во 1925, ФИПРЕСЦИ од 1987 до 2024 ја водеше генералниот секретар Клаус Едер, период во кој тој ја обликуваше организацијата во она што е денес. Федерацијата ја доделува својата престижна награда на повеќе од 100 филмски фестивали каде има свои жирија, како и годишната Гран при за најдобар филм на годината што се врачува на фестивалот во Сан Себастијан. Наградата за откритие на годината на ФИПРЕСЦИ е и дел од годишните Европски филмски награди. Годинава Федерацијата ја слави 100-годишнината со бројни специјални настани меѓу кои и оние на најголемите фестивали, Венеција, Кан и Берлин.
Фото: Паола Касела, Ахмед Шауки, Марина Костова и Елена Рубашевскаја (од лево кон десно) / Извор: ФИПРЕСЦИ





