Марија Жоао – ѕвезда на годинашниот „ОФФест“

Врвни артисти од осум земји од светот ќе учествуваат на 24. „ОФФест“ што ќе се одржи од 5 до 8 јуни во Скопје. Ѕвезда на фестивалот е Марија Жоао која ќе го изведе нејзиниот волшебен нов проект – Аbundância. Тоа ќе биде и прва европска изведба, по премиерата во Лисабон. Покрај Жоао, ќе настапат и неколку големи ѕвезди на таканаречената музика на светот, како Canzoniere Grecanico Salentino, Kimmo Pohjonen, Vieux Farka Touré и Драган Даутовски.

Дизајн: Зоран Кардула

– Листата на музичари на „ОФФест“ носи и неверојатно широка и богата лепеза на жанрови и емоции, вистинско богатство на музичката разноликост. Годинашната селекцијата ќе ја збогати и онака раскошната историја на „ОФФест“ – најавуваат организаторите.

Фестивалот ќе го отворат Драган и Ратко Даутовски, а по нив ќе настапат Canzoniere Grecanico Salentino – најдолговечниот и водечки фолк ансамбл во Италија кој годинава слави 50 години активно музицирање и бројни спектакуларни настапи.

Canzoniere Grecanico Salentino

На втората вечер на „ОФФест“ ќе настапи експлозивниот Kimmo Pohjonen, финскиот феномен на хармониката. По него следува цветното музичко патешествие на фасцинантната Марија Жоао, која 40 години шири волшебна енергија, освојува со својот шарм и плени со чудесниот глас.

Vieux Farka Touré

„ОФФест“ повторно има возбудлива африканска вечер – доаѓа гитаристот Vieux Farka Touré, „сахарскиот Хендрикс“, синот на колосалниот Али Фарка Туре и една од најголемите африкански ѕвезди денес. Африканска вечер ќе продолжи со Florence Аdooni, најистакнатото ново име од Гана. Последната вечер ќенастапи словачката пејачка Јулија Козакова, а фестивалот ќе го затворат два извонредни гитарски бендови – „Мордаи“ од Унгарија и кормиларите на свежата македонска алтернативна сцена, „Луфтанза“.

Драган (десно) и Ратко Даутовски

Во придружната програма на „ОФФест“ ќе биде прикажан и култниот бразилски документарен филм „Saravah“.

Фестивалот ќе се одржи во Националната опера и балет и во МКЦ. Повеќе информации за фестивалот ќе ги најдете на веб-страницата www.offest.com.mk. Билетите се пуштени во продажба и достапни на mktickets.mk.

Фото: „ОФФест“

Сподели