Светот на Марија е сензуален, сетилен, а потоа тие сетила го оживуваат светот наоколу, правејќи го занимлив, возбудлив, исполнет со синестезички искуства и метафори и секогаш фокусот е на вистинската човекова природа
Пишува: Оливера Андоноска
„Дури и во таква ситуација треба да изгледаш најдобро што можеш. И да се натокмиш како за на ‘театар’. Свилено здолниште, розова кошула, од волна, и свилен розов кафтан, може за последен пат, скраја да е, мрежа за коса“.
Во мигот на пишување на овие редови, полската поетеса Марија Павликовска-Јасножевска (1891, Краков – 1945, Манчестер) ја делат само неколку месеци од смртта. Тогаш не знае уште колку долго ќе живее, но, со оглед на нејзината проникливост, сигурно насетува. Се подготвува за операција. Болна е од рак. Ја сведочи промената на своето тело, ги документира разните видови болки: од болеста, од напуштањето на Полска со избувнувањето на Втора светска војна, нешто што ù ја голта животната радост и ја променува засекогаш, од честата разделеност со љубениот сопруг. И од длабочината на тој вител, стамено, сосема неоштетен од разорната сила на несреќата, се извишува нејзиниот луциден дух, нејзината духовита и здрава мисла.
Таква е Марија Павликовска-Јасножевска, словенската Сафо, како што ја нарекува Јулијан Тувим (можеби највлијателниот полски поет меѓу двете светски војни), поетеса на љубовта, како што се смета самата, прва поетеса (заедно со Зузана Гинчанка) која ‘се дрзнува’ отворено и природно да раскажува за дотогаш тајните чувства и искуства на жените, за блиските едноставно – Лилка, за многумина современици првата дама на поетската група „Скамандер“ (иако суштински и формално никогаш не била дел од ниедна литературна дружина), а најмногу волшебница што прави розови магии, во кои влог е само ‘нејзината сопствена душа’.
Розовата боја како прегратка на безумницата Црвена и чистотницата Бела се наоѓа во насловот на нејзина втора поетска збирка („Розева магија“), објавена во 1924 година, и, во најмала рака, е занимлив и атрактивен избор. Ако се земе предвид дека во поетското деби „Небесни бадеми“ (Niebieskie migdały, 1922) лирскиот субјект е млада жена полна со ентузијазам, желна да го зграпчи животот, а во „Розова магија“ женскиот лирски субјект е веќе зрел и смирен, семантиката на колористиката почнува по малку да се наѕира. Секако, и „Розова магија“ не е лишена од фасцинацијата од љубовта и потребата од другиот, но сега веќе прецизно знае што сака од него („Тој што сака да го љубам“), со што ја скротува необузданата црвена, внесувајќи бел пигмент. Од друга страна, првичниот впечаток дека можеби сè е розово во нејзиниот светоглед и дека таа прибегнува само кон лесни и пријатни емоции е сосема површен, напротив, мошне трезвено се соочува и со мачните мисли, и со тешките искуства, и со непријатните чувства, и со минливоста на животот, иако тоа ја ужасувало („Баба“, „Старост“, „За тетката што се отру“…) Во секој случај, розовата прекрасно им прилега на магиите што ги прави Марија, без крв, во кои главна состојка, почеток и крај на сè, останува љубовта.
Иако животот на Павликовска-Јасножевска е полнокрвен и натопен со сите бои, бидејќи ги вкусува и најсочните плодови – љубејќи страсно, патувајќи многу, низ Италија, Франција, Турција, Африка, учејќи жедно, развивајќи се слободарски среде полската интелектуална и уметничка елита која често гостува во нивниот неоготски дом, со фустани од Франција и шапки од Виена, но и горчливите, гнилите плодови, пречекувајќи ги исправено и проџвакувајќи ги како неминовност. Особено во последниот период од животот, кога како печат на своето тело ја носи етикетата мигрантка. Далеку од семејството, постојано разделена од сопругот Стефан Јежи Јасножевски поради неговиот професионален ангажман како воен пилот, со кого заедно стигнува во Англија со почетокот на војната (веднаш по премиерата на нејзината драма Baba-Dziwo – сатира на Адолф Хитлер), а и нејзината кариера доаѓа до мртва точка. Тоа се денови, месеци, години исполнети со носталгија, непомирливост и тага, а такви стануваат и нејзините писанија од тој период.
Поетскиот глас на Марија Павликовска-Јасножевска, едноставен, економичен, со внимателно одбрани зборови, но елегантен, звучен, заводлив, повеќеслоен и длабок, кој уште од раното детство е во ривалство со нејзините уметнички склоности (потекнува од традиционално сликарска фамилија, татко ù е славниот сликар Војќех Косак), сепак, во еден момент ги надјачува, станувајќи доминантна одредница во нејзиниот творечки живот. Во секој случај, неизбежен е впечатокот дека нејзините акварели се чиста поезија, а нејзините стихови – слики полни со бои и пластични описи. Од една страна, со четките и боите создава приказни во стихови, од друга страна, зборовите ù служат како алатка за сликање. И не ретко поезијата на Марија кореспондира со уметнички дела (со тие на сликарот Хирошиге во „Јапонски птици“, на пример), но, многу повеќе, нејзините песни може да послужат како текстуална подлошка за слики и за подвижни слики („Моделка“, „Мадам Батерфлај“, „Море“), во кои доминира упливниот амбиент во кој читателот е затекнат, одеднаш заробен, а е пренесен до него преку мекоста и едноставноста на зборот, навидум наивно.
Ако се тргне од хипотезата рамна на вистина дека секој човек живее во своја фикција, во свој уникатен свет, тогаш споделувањето на туѓиот светоглед, особено кога е толку необичен, како оној на Павликовска-Јасножевска, е вистинска свеченост, бидејќи ја менува перцепцијата на тој што е изложен на него, ја збогатува, станува посензибилизиран на окружувањето. Најголемата вредност во нејзиното творештво, без сомнение, е внесувањето на мигот на изненадување/очудување, затоа што дотогаш невидливите, незабележливите, нештата кои не сме ги удостоиле со нашето внимание стануваат предмет кон кој е сосредоточена будноста во големи концентрации.
Исклучителна, со неверојатна магнетна енергија, која не го вовлекува натрапливо читателот во својот свет, туку само со тоа што штедро ја споделува својата фасцинација од животот таа го потпреместува од лежиштето на толку пати повторуваната траекторија и му покажува дека има и друг начин на доживување и спознавање, пред сè, на себеси. Таа не е инертна, таа ја избегнува стапицата на еднаш воспоставени и повторливи нервни кола, таа е игрива, љубопитна, скокотлива, заводлива.
Светот на Марија е сензуален, сетилен, а потоа тие сетила го оживуваат светот наоколу, правејќи го занимлив, возбудлив, исполнет со синестезички искуства и метафори и секогаш фокусот е на вистинската човекова природа, која очигледно за поетесата е совршена и сосема излишно би било да ù се придаваат божествени елементи за да се претстави како возвишена. Светот на Марија е исполнет со витален динамизам, со раскош, сладост, едноставно, со живот кој нараснува до прелевање.
Павликовска-Јасножевска создава силно концентрирани слики, чие значење не се открива веднаш, туку пополека ни доаѓа до свеста за на крајот да го доживееме како откровение, како нешто што дотогаш не сме го помислиле, како присутност за која не сме биле свесни. Едноставно, поезијата на Марија нè сопира, ни се шмугнува во пределот околу срцето и во беспрекорна спрега со умот ни открива набиени значења, емоции со јазик кој е подзаборавен денес и токму затоа неговиот печат е уште посилен.
Накусо, нејзините стихови, натопени со силата на оптимизмот и динамизмот, со идеи за светлината, сонцето и небото, секогаш поткрепени со централниот мотив – љубовта, го облагородуваат човека и токму поради тие доживувања навраќањето кон неа станува прекрасна потреба да се земе дневна доза розова магија и да се дозволи да проциркулира низ нашето тело како исклучително искуство.
ТОЈ ШТО САКА ДА ГО ЉУБАМ
Тој што сака да го љубам, не смее никогаш да биде тмурен,
и да умее мора да ме крене в раце високо горе.
Тој што сака да го љубам, да умее мора да седи на клупа
и внимателно да набљудува црвче и секакво дури и најдребно
тревче.
Да умее мора и да зева кога погребна поворка по улица минува,
кога побожна толпа на процесии оди и извикува.
Но, мора да биде трогнат кога, на пример, кукавица
кука,
или кога клукајдрвец јаросно клука сребреникав пласт на
бука.
Да умее мора куче да погалува, да умее мора и мене да ме милува,
и да се смее, и во сладок сон без содржина денот да го минува,
и да не знае ништо, како што не знам ни јас, и да молчи во раскошниот
мрак,
и колку што е далеку од доброто да биде далеку и од злото.
ФАТАМОРГАНА
Нема веќе место за нас ни наземи ни на небо!
Кога би нашле еднаш дом, макар и во фатаморгана!
Таму би седеле во тишина загледани еден во друг,
срцата би ни станале синевина, развеани ко едно во воздухот.
А кога некој Арап би погледнал кон нас,
И би тргнал со илјада коњи да го освои нашето бледо гнездо:
ѕидини од облаци и тиркиз, кули опколени
и оази сатенски кајшто сјае палма со сина ѕвезда,
тогаш земјата тивко ќе затрепери во темелите од опал,
ќе ги собере палмите и облаците, ќе ги збие своите небесни нерви,
и како брод со меки скокови пак ќе отплови далеку,
носејќи ги во синевината очите наши, љубејќи се без престан.
Од збирката „Розова магија“ од Марија Јасножевска-Павликовска.
Издава: Продукција Ма – Подружница МАМА
Препев од полски јазик: Звонко Димоски
Уредничка и јазична редакција: Оливера Андоноска
Дизајн на корица: Филип Јовески





