Марија Гиревска: Ако некој нема трпение да го чита „Улис“, топло ги препорачувам овие 50-ина фрагменти од „Џакомо Џојс“

За Џојс, Трст е „земјата на истокот“ и веројатно не мислел дека засекогаш ќе го напушти, вели Марија Гиревска во интервјуто за Блен.мк

Пишува: Наташа Атанасова

„Џакомо“ ме поврзува со спомените за Трст: со Летната школа за Џејмс Џојс во Трст и со предавањата за „Улис“ на легендарниот Фриц Сен. За Џојс, Трст е „земјата на истокот“ и веројатно не мислел дека засекогаш ќе го напушти, вели Марија Гиревска во интервјуто за Блен.мк. Повод за интервјуто е денешната промоција на книгата „Џакомо Џојс“ од Џејмс Џојс која вечерва во 19 часот ќе се одржи во кафе-книжарницата „Буква“ во центарот на Скопје. Преводот од англиски на македонски јазик го направи токму Гиревска. Во рамките на промоцијата, Мијата ќе ја изведе песната од „Улис“, My Girl’s a Yorkshire Girl.

Книгата е прво самостојно двојазично издание на Гиревска, во ограничен тираж од 100 примероци, придружено со белешки од еминентниот Џојсовец, Фриц Сен (Директор на Фондацијата Џејмс Џојс од Цирих) и американскиот биограф Ричард Елман. 2 февруари е роденденот на Џојс и на неговиот прочуен роман „Улис“, но и на кафе-книжарницата „Буква“.

Гиревска го превела и самостојно го издала „Џакомо Џојс“, недовршеното дело на Џојс за кое многу малку се знае.
– Не се знаеше многу за овој ракопис сè до 1968 кога Ричард Елман постхумно го објавил. Џојс е познат по својата долга проза и ако некој нема трпение да го чита „Улис“ или „Финегановото бдеење“, тогаш топло ги препорачувам овие педесетина фрагменти од „Џакомо Џојс“. Чудно е како Џојс, кој умеел да рециклира стари материјали, го оставил овој свој ракопис во Трст кога заминал во Париз во 1920 година. Постојат најмалку две енигми околу овој ракопис: што сакал всушност да направи со него? Да го батали или да го објави? И втората се однесува на таинствената црноока девојка за која е напишана оваа поезија во проза. Првиот лист почнува токму со прашањето „Која?“. Колку е вистина дека станува збор за неговата ученичка Амалија Попер, како што некои истражувачи тврдат, меѓу кои, секако, и Ричард Елман, со сигурност никој не може да потврди. Веројатно тука има исто толку елементи на писателска имагинација колку и автобиографија или фактографија. Интересно е што во „Џакомо“ може да се препознаат зачетоците на „Улис“. И ме фасцинира што дури и во „Џакомо“ има теолошки референци – вели таа за Блен.мк

„Џакомо Џојс“ ја поврзува со спомените за Трст: со Летната школа за Џојс во Трст и со предавањата за „Улис“ на легендарниот Фриц Сен.
– За Џојс Трст е „земјата на истокот“ и веројатно не мислел дека засекогаш ќе го напушти. Можеби и затоа го оставил својот „Џакомо“ таму. Тргнал за Париз за да го објави „Улис“ и останал речиси дваесет години. Неверојатно е што дури и за овие 16 страници ракопис има толку многу белешки со алузии на она што го читал и она што го пишувал… – вели Гиревска.

Книгата е всушност фрагментирани белешки или епифании за една миговна љубов главно ја опишуваат вљубеноста на еден ирски учител во својата ученичка од еврејско потекло. Веројатно станува збор за Амалија Попер (Amalia Popper), ќерката на Леополдо Попер од Трст, трговец Евреин. Името на таткото упатува и на еден од изворите за името и ликот на Леополд Блум од „Улис“. Белешките најверојатно биле напишани во летото 1914 година, и дел од нив ќе послужат како проба за она што подоцна Џојс ќе го напише во романот „Улис“. Меѓутоа, никој со сигурност не може да појасни зошто Џојс никогаш не ги објавил овие белешки и ги оставил во Трст, за подоцна брат му Станислав да ги најде и зачува. Испишани се во ракописот на Џојс, без промени, освен насловот „Џакомо Џојс“, кој е испишан во горниот лев агол од нечија друга рака. Џојс немал обичај да ја употребува италијанската форма на своето име. Белешките ги пишувал на осум големи листови, двострано, на цврста хартија каква што би употребиле за цртање скици со молив, и ги оставил меѓу кориците на една сина школска тетратка. Овие листови дури и потсетуваат на оние пергаментни листови на кои во 1909 Џојс ги пишувал песните од „Камерна музика“ за својата сопруга.

Целото интервју на Блен.мк на линкот.

Сподели