Сакаме да ги мотивираме младите да се обидат и во пишување кратки филмски есеи, да ги направат првите обиди за филмска критика, да креираат блогови со свои гледања на филмовите и размислувања за филмот – вели Џиџева. 

Режисерката Марија Џиџева е препознатлива по своите филмски дела од различни жанрови и тематика – пред сè, документарци, но и играни филмови. Документарните „Мис Амнезија“, „Барајќи си ја среќата“, „Некои други приказни“, „Списокот на Тони Манџа“, играниот „Втора шанса“ се нејзини вредни дела. Џиџева во последниот период е фокусирана на едукација на младите за филмска уметност. Неодамна беше една од менторките на 9. Филмски фестивал за млади „Џифони Македонија“, а во крајот на октомври во Кинотеката ќе започне проектот „Филмска училница“.

Џиџева ќе ги води работилниците во соработка со: Владимир Ангеловски, Александра Младеновиќ, Бојан Станишиќ, Александар Трајковски, Дамјана Ивановска, Стојан Синадиновски, Игор Старделов, Петар Волнаровски, Тихомир Кашмицоски…

Што ќе содржи филмската училница и како се роди идејата?

-„Филмската училница“ ќе се состои од различни едукативни содржини, тематски групирани во десет училници во кои преку интерактивно-креативно учење, учесниците ќе се запознаат со националното аудио-визуелно културно наследство, ќе имаат можност да гледаат филмови од архивот на Кинотека, ќе учат како да размислуваат за едно филмско дело, ќе добијат основни познавања од филмската историја и од филмскиот јазик и ќе имаат можност да креираат кратки филмски етиди, инспирирани од богатата ризница на македонската кинематографија.

Учениците ќе се запознаат и со работата на Кинотеката, со различните дејности, како реставрација, дигитализација, филмско архивирање, филмска есеистика и критика, киноприкажување. Идејата ни е да им ги приближиме  и другите сегменти и професии што се поврзани со филмот, посебно во делот на заштитата на нематеријалното аудио-визуелно културно наследство и можеби некого ќе инспирираме да ја засака филмологијата, да сака да работи со филмска лента, со реставрација, со дигитализација…

Сакаме да ги мотивираме младите да се обидат и во пишување кратки филмски есеи, да ги направат првите обиди за филмска критика, да креираат блогови со свои гледања на филмовите и размислувања за филмската уметност. Тие ќе имаат можност тоа да биде објавено и да добијат свој медиумски простор.

Исто така, предвидено е да има и неколку мастеркласови со доајени –добитници на „Златниот објектив“, како и со млади филмски автори.

Годинава ќе иницираме и нов проект „Филмска училница за наставници и професори“ и една од училниците ќе биде посветена за нив, а се планира и една заедничка училница со ученици и професори во која ќе го претставиме филмот како уметност и како алатка во реализирњето на наставата.

Идејата за овој проект се роди многу природно, како резултат на соработката и разговорите со колегите филмолози. Филмската едукација за млади е дел и од активностите на Кинотека, која е секогаш отворена за сите и постојано се случуваат различни филмски работилници, филмска програма за деца и за ученици. Многу ми беше убав и инспиративен процесот на креирање на програмата и содржините на училниците. И мислам дека се совпадна со идејата на Кинотека за ваков тип на филмска едукација. Нè поддржа Министерството за култура, добивме средства и почнавме со работа. И драго ми е што минатата година, соочувајќи се со сите ковид-19 предизвици,  успешно ја реализиравме првата „Филмска училница“ и сите работевме со многу љубов и посветеност и во организирањето и во предавањата кои беа многу креативни и интерактивни.

Колку е важно и наставниците да се наобразуваат што е можно повеќе за да им ја доближат филмската уметност на учениците?

– Самиот процес на настава е многу комплексен и филмската наобразба може многу да им помогне на наставниците и професорите и тоа на повеќе нивоа – филмот како уметност, филмот како наставно средство и филмскиот јазик како алатка во реализирањето на наставните активности.

Новите генерации сè повеќе визуелно ги примаат работите, начинот на нивното себеизразување е визуелно. Новите технологии овозможуваат постојано да снимаат свои приказни. Ако почетоците на филмот се кратките филмови на браќата Лимиер „Излегувањето на работниците од фабриката“ и „Пристигнувањето на возот во станицата“ или кај нас „Баба Деспина“ на браќата Манаки, кои се артефакти, и кои се всушност  се состојат од по еден кадар на опсервација на вообичаено дејствие, (но тогаш тоа било големо откритие и сензација и преставувало раѓање на нова уметност), денес младите тоа го прават постојано со своите мобилни телефони, секојдневно снимаат милион опсервациски кадри и ги постираат на социјалните мрежи и се нарекуваат „стори“.  И тоа го прават интуитивно или сами се учат, пребарувајќи на интернет.

Џиџева работеше со средношколци и на фестивалот „Џифони Македонија“

И многу би било добро, всушност многу е потребно да се има предмет по филмска уметност, како што има по музичка и ликовна уметност, каде што ќе се учи филмска историја и филмски јазик и ќе се обработуваат филмски дела, и со тоа учениците би добиле основна писменост како правилно аудио-визуелно да се изразуваат, како во креативно-уметничка насока, така и при реализација на нивните проекти и задачи во текот на школувањето, кои сè повеќе се изработуваат визуелно, со користење на камера и монтажа.

И во контекст на сево ова многу  е важна филмската наобразба на наставниот кадар. Добро е и за наставникот да ги познава основите на филмската историја  и на филмскиот јазик. Од една страна да ги едуцира учениците, а од друга страна да го користи тоа знаење како алатка во наставата, да може да визуелно да креира дел од наставниот материјал, да вклучи научно-наставни филмови во своите лекции и заедно со учениците да создаваат свои филмски приказни.

Кому ќе биде наменета „Филмската училница“ во оваа сезона?

– Филмската училница и оваа сезона, првенствено ќе биде наменета за ученици од средните училишта од Скопје. Ќе се одвива секоја сабота во Кинотека и ќе трае 10 недели. Имаме интерес за учество на ученици од другите градови во Македонија и ќе направиме две паралелни филмски училници за нив.

А, една од училниците ќе биде наменета за наставници и ќе ја води професорката од Педагошки факултет Розалина Поповска Ќоскарова, која направи труд на темата „Застапеноста и значењето на филмот во образованието“ и тоа истражување ја иницира и идеа за филмска училница за наставници и професори.

Вие бевте еден од менторите на 9. Филмски фестивал за млади „Џифони“. Што значи за младите учеството на овој фестивал и какво искуство е за нив да работат со врсници?

– Ќе почнам прво од себе, како возрасна, многу ми значи што бев дел од Џифони-семејството оваа година. Мислам дека многу научив од децата, како се гледа, како се сака и како може да се прави филм. Толку многу млади на едно место, кои постојано гледаа филмови, дискутираа за нив, активно учествуваа во различни работилници, се дружеа и работеа заедно и сето тоа со една голема енергија и страст, со многу искрени, храбри и паметни размислувања и со многу идеи за филмови. Повеќето од нив учествуваат со години и растат заедно. Си ги споделуваат своите знаења и искуства, радости и проблеми. Си помагаат и се охрабруваат едни со други. И ги прават првите филмски чекори. Некои од нив имаат многу сериозни кратки филмски форми. И тоа е многу добра основа да се развијат во зрели личности со вистински вредности, а тие што ќе сакаат и ќе бидат најупорни, да станат вистински автори и филмски професионалци.

Сцена од првиот игран филм на Џиџева, „Втора шанса“

И сето ова треба да нè мотивира да наоѓаме начини и да создаваме различни форми на филмска едукација и дружење и за градење на филмската култура  на децата и младите, затоа што навистина тие тоа го сакаат и имаат многу што да кажат и да направат.

На што друго сте фокусирана периодов? Дали можеби ново сценарио илифилм?

– Морам да признаам дека периодов голем предизвик ми е работата со деца и со филмски работилници. А постојано работам и развивам нови филмски проекти и им барам пат како да се реализираат. Тоа ми е начин на живот. Се надевам дека наскоро ќе почнам да го реализирам следниот филм.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.