Манчевски за „Кајмак“ ја освои наградата на публиката на фестивал во Тирана

На Филмскиот фестивал во Тирана што заврши завчеравечер, режисерот Милчо Манчевски ја освои наградата на публиката за филмот „Кајмак“. Последниот филм на Манчевски минатата недела го отвори Тиранскиот фестивал, а режисерот беше пречекан со огромни почести од културната и политичка јавност на Албанија. Манчевски одржа и мастерклас на фестивалот.
Ова е четврта награда за „Кајмак“ за еден месец, откако претходно освои награда за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, како и специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмски критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови, а Манчевски доби специјална награда на i-fest во Калабрија, Италија.
Во Тирана, албанската државна новинска агенција, АТА, го наслови интервјуто со Манчевски „Уметник кој му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.
Во октомври следува премиерата на „Кајмак“ и во Амстердам, а филмот продолжува и со фестивалскиот живот низ светот.
„Кајмак” е еден од македонските филмови кои имаат најширок пласман во светот. Тој е продаден за редовна дистрибуција во педесетина земји од Европа, Северна Америка, Јужна Америка, Централна Америка, Карибите – од Аргентина, Бразил и Мексико до Грција, Кипар и Холандија, од Јамајка, Аруба, Барбадос до Албанија и Бугарија; од Парагвај и Хаити до Суринам, од Гвајана и Ст. Китс и Невис до Данска… Понатамошниот процес на пласман е во тек.

Сподели