Дела создадени на манифестацијата „Мал битолски Монмартр“ денеска во 12.30 часот ќе бидат изложени во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Ќе бидат претставени 25 дела од значајната ликовна манифестација која постои веќе 40 години.
Изложбата е во чест на основачот Коста Хаџи Антоновски, кој почина годинава во март, а сиот свој живот го посвети на оваа манифестација.
– Љубителите на ликовната уметност ќе проследат дела создавани од ликовните амбасадори од целиот свет во Старата битолска чаршија, непрекинато, четири децении. Монмартр низ годините блескаше со својата шарена порака за мир, љубов, уметност…. испишана на десетици јазици со безброј нијанси на бои од детските ликовни творби кои пристигнуваа во Битола. „Монмартр живее за децата, а јас живев за нив!“, велеше основачот Коста – посочуваат организиатприте на изложбата.
Проектот е поддржан од Министерството за култура. Изложбата ќе биде отворена две недели.