Денеска е 14 Февруари, празникот на лозарите, Св. Трифун. Традиционално, на овој ден се крои виновата лоза
Македонија има една од најстарите традиции на производство на вино во Европа, со одгледување винова лоза која датира од пред повеќе од 2.000 години. Од античко време до денес, виното отсекогаш било симбол на култура, гордост и идентитет за нашиот народ, вели Александра Ристова, раководителка на одделот за управување со лозови насади во „ВВ Тиквеш“.
Денеска е 14 Февруари, празникот на лозарите, Св. Трифун. Традиционално, на овој ден се крои виновата лоза. Во меѓувреме во подрумите на македонските винарии стасува ланското вино, а се очекува производството да достигне помеѓу 90 и 100 милиони литри. Најмалку 85 отсто од него ќе заврши на странските пазари.

Во моментот се создава ново поглавје во приказната за виното со потекло од нашата земја – воведување на Систем за географска ознака на вино. Тоа е симбол што се става на секое шише вино кое има специфично географско потекло и соодветно ниво на квалитет и репутација кои произлегуваат од тоа потекло. За да се стигне до овој симбол неопходно е да се спроведе сеопфатен процес на креирање Систем за географска индикација (ГИ). Воведувањето стандарди за географска ознака опфаќа неколку клучни аспекти – јасно разграничување на кој се одгледуваат лозови насади врз основа на природни фактори како почва, клима, надморска височина. Постојат детални правила за сортите грозје, максималните приноси и техниките на производство на вино. Мора да се воведат научни аналитики за да се докаже квалитетот и типичноста на виното и верификација од независно сертифицирано тело.
– Воспоставување систем на географска ознака во нашата земја не е само техничка неопходност, туку и стратешка визија за иднината на нашата винска индустрија. Тоа гарантира дека ќе го заштитиме нашето наследство, ќе ја зајакнеме конкурентноста и ќе го споделиме нашиот автентичен идентитет со светот – вели Ристова.

Елена Младеновска-Јеленковиќ
Според Елена Младеновска-Јеленковиќ, извршна директорка на „Вина на Македонија“, Системот за географска ознака не е само техничка процедура, туку и визија.
– Идејата за негово воведување постои одамна, но дури во последните неколку години со заедничка работа на винариите и поддршката од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ), процесот добива конкретна форма. Само ако имаме Систем на географски ознаки воспоставен според стандардите на Европската Унија, може да се сметаме за вистинска винска земја. Тоа не е само гаранција за квалитет, туку и начин да се изгради имиџот на Македонија како винска дестинација – вели Младеновска-Јеленковиќ.
Во изминатите две и пол години интензивно се работи на воспоставување на Системот за географска ознака. Во април 2024 година се донесени измените на Законот за вино, а во меѓувреме се спроведувале обуки за лозарите и винариите.
– Спроведовме низа активности насочени кон одржливо производство на грозје и вино. Организиравме тренинзи за дигитализација, органско лозарство и винарство и унапредување на пазарот на вино, на кои имаше повеќе од 900 учесници. Повеќе од 60 претставници од македонските винарии стекнаа значајни знаења и искуства преку студиските посети во винските региони Тоскана и Бароло во Италија – вели Ирена Џимревска, советничка во GIZ.

Ирена Џимревска
Воведување на овој систем не е значаен само за големите производители на вино, туку ќе донесе низа придобивки и за малите винарии и за лозарите.
– Процесот подразбира пред сè воведување стандарди за производство на грозје, идентификација на добиен производ вино од стандардизирано грозје со точно дефинирана област на производство каде што доаѓаат до израз тероарните карактеристики. За малите винарии значи додадена вредност на нивниот производ, заштита за квалитетот и можност за зголемена продажба – вели Илија Јанчев, сопственик на малата винарија „Венец“ кој се занимава со производство на вино и со одгледување грозје.

Вкупната територија на нашата земја е поделена на три вински региони и 16 вински области. Најголем е винскиот регион Повардарие, каде се лоцирани 87 отсто од винските насади и 90 отсто од винариите. Вардарска Долина ќе биде првата географска ознака која ќе се најде на етикетите на македонските вина.
Еден од првите системи за географска ознака на вино е воведен во Франција, на почетокот на 20 век. Повеќе од 100 години подоцна, Македонија е на чекор да стане дел од друштвото на глобално признати производители на вино со специфична географска нота.
– Географската ознака не е само етикета, туку печат на автентичноста и доказ дека виното што го пиете има душа, потекло и приказна – вели Ристова.





