Лекторатот по македонски јазик при универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта ги продолжи своите активности поврзани со чествувањето на јубилејот 35 години македонски јазик на Универзитетот ЕЛТЕ. Во библиотеката на Институтот за славистика и балтичка филологија, проф. д-р Горанчо Ангелов од Универзитетот „Гоце Делчев“, Штип одржа предавање на тема „Македонски традиционални инструменти, органологија и употреба некогаш и денес“. Преку инспиративно предавање тој го претстави македонскиот фолклор и традиционалните инструменти и начинот на свирење.

Предавањето предизвика огромен интерес кај студентите, но беа присутни и многу музичари кои се занимаваат со фолклор. Се разви долга дискусија, присутните прашуваа и бараа дополнителни информации а македонскиот фолклор, а изнесуваа и свои искуства и впечатоци за начинот на интерпретација на македонската изворна музика.
Во култното кафуле „Живаго“ во Будимпешта, Ангелов и унгарското дуо „БудаПесме“ одржаа целовечерен концерт на македонски народни песни. Концертот предизвика огромен интерес што пријатно ги изненади и организаторите на настанот. По концертот на Ангелов му се придружија и неколку унгарски музичари, заинтересирани за македонскиот фолклор и неговата работа, па ноќта продолжи со заедничко музицирање, односно импровизации. Во нивна интерпретација зазвучеа Зајди, зајди, Јано мори, Домаќине добри гости ти дојдоа, Ибраим оџа, Благуњо дејче и многу други.

Според лекторот по македонски јазик Златко Панзов, ваквата соработка на македонски и унгарски музичари ќе резултира со посериозна промоција на македонскиот фолклор во Унгарија и создавање на локални промотори, не само на нашиот фолклор, туку и општо македонската
култура, што всушност е суштината и мотивот за организирање на ваков тип на настани од страна на Лекторатот. Тој е задоволен од интересот што го предизвикаа настаните што оваа година беа организирани по повод јубилејот 35 години македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта.

„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2023“ ќе бидат затворени со објавувањето на зборникот „За македонската литература“. Зборникот преставува избор на текстови од реномирани македонски книжевни критичари направен од лекторот Златко Панзов во превод на унгарски јазик од Анамарија Цинеге-Панзова.
„Деновите на македонска култура во Будимпешта 2023“ се организирани од Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и Здружението на Унгарците на Македонија – „Теледом“, а реализираат со поддршка на македонското Министерството за култура и Здружението вина од Македонија од Скопје. Лекторатот искажува огромна благодарност до Институтот за славистичка и балтичка филологија, Вероника Варга и Бенедек Рети за поддршката и помошта при организирање на „Деновите на македонска култура во Будимпешта 2023“ .






