Македонскиот јазик почна да се учи и во Света Недела во Хрватска

Почетокот на наставата за изборниот предмет Македонски јазик и култура во хрватското гратче Света Недела беше свечено одбележан минатата недела. Во Хрватска, овој предмет го учат 108 ученици, во осум основни училишта кои се наоѓаат во Загреб, Дуго Село, Стрмец, Риека, Осиек, Пула и Сплит. И во три гимназии кои се наоѓаат во Загреб, Риека и Осиек. Предметот го учат припадници на македонското национално малцинство, но го посетуваат и други ученици. Изборен е и се внесува во свидетелствата.

– Како Македонци секогаш сме позитивно прифатени и заемната почит е на највисоко ниво. Градот Света Недела е град пријател со Гостивар, па се надеваме дека училиштето и учениците ќе бидат дел од идни заеднички проекти преку кои ќе сведочиме за идни позитивни примери, истакнуваат претставници на македонската заедница во Хрватска – рекоа присутните.

Иницијатор на граѓанскиот чекор е професорката по македонски јазик Ивана Брезовец, која предава Македонски јазик и култура во Загреб и е претседателка на македонското културно друштво „Охридски бисер“. Предлогот добил поддршка од заедницата на Македонците во Хрватска, од претставничката на македонското национално малцинство во Загрепската жупанија, Лена Ѓапиќ и од хрватското Министерство за наука, образование и млади.

На работниот состанок во училиштето во Света Недела присуствуваа и македонскиот амбасадор, Драган Ѓурчевски, советничката за култура и директорка на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска-Илиевска и началникот на Секторот за малцинства при МНОМ, Милан Вукелиќ. Домаќини на настанот беа директорот на подрачното училиште „Стрмец“, Ѕвонимир Маркиќ кој ја прифати идејата за остварување и реализација од самиот почеток, градоначалникот на Света Недела, Дарио Зуровец, заменик градоначалникот Марио Пшеничњак и советничката за односи со јавноста и протоколи, Ања Блажина Болјевиќ.

– Министерството континуирано дава поддршка во развојот и на образованието на јазикот и писмото на националните малцинства. Така се создава инспиративна средина каде слободно учиме едни за други и едни од други – вели Вукелиќ.

Хрватска се вбројува во редот на ретките земји кои овозможуваат да се учат јазиците на малцинствата, а кои се признаени и во самиот Устав.

Сподели