Македонскиот јазик ќе одекне во Париз како дел од чествувањето на Шарл Перо

Македонскиот јазик е вклучен во важен француски проект посветен на сказните на Шарл Перо, којшто се спроведува од страна на Националниот институт за ориентални јазици и цивилизации (ИНАЛКО) во Париз, што важи за еден од најреномираните филолошки образовни и научни центри во Европа. По повод Меѓународниот ден на преводот, на сцената на големиот настан во организација на ИНАЛКО, „Гласовите на сказната“, во Париз, сказната „Самовили“ на родончалникот на современата европска сказна, Шарл Перо на 30 септември, ќе биде презентирана и во превод на македонски јазик, како и на уште неколку други јазици.

Шарл Перо

Преводите се подготвени во рамките на проектот, со активна вклученост на Лекторатот по македонски јазик на ИНАЛКО. Преводот е координиран и работен под менторство на лекторот по македонски јазик на ИНАЛКО, м-р Ѓоко Здравески. Мото на настанот е мислата на филозофот Лудвиг Витгенштајн: „Границите на мојот јазик се поистоветуваат со границите на светот“, при што на сцената, сказна од Перо ќе се слушне на повеќе од 20 јазици. Во рамките на проектот, следната година, во Париз ќе се одржи и симпозиум посветен на творештвото на Перо.

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ), поздравувајќи го овој значаен проект од меѓународно значење, во пресрет на големиот настан искажува увереност дека успешната соработка со ИНАЛКО на којшто македонскиот јазик се изучува веќе речиси половина век ќе се интензивира и преку вакви големи проекти што придонесуваат за взаемна промоција и афирмација на книжевните и воопшто културните вредности.

– По вклучувањето на македонистиката меѓу ретките научни дисциплини во Франција со што на ИНАЛКО е гарантирана нејзината заштита и зачувување, како и нејзината самостојност, вклучувањето на македонскиот јазик во овој значаен проект посветен на една од најзначајните личности од европската книжевна историја е уште една потврда на статусот којшто македонскиот јазик го има на оваа реномирана европска високообразовна и научна институција. Како Семинар искажуваме задоволство и благодарност што преку нашиот лекторат можеме да придонесеме во успешното остварување на овој голем проект и што едно од најпознатите дела на Шарл Перо, и среде Париз ќе се слушне и доживее и на македонски. За нас е и гордост што на големата сцена, во чествувањето на Перо ќе се слушне македонскиот збор – истакна директорката на МСМЈЛК, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска.

Следната година ќе се одбележат 50 години македонистика на ИНАЛКО во Париз. Ваквите значајни проекти каков што е овој за Шарл Перо, како што укажува таа, овозможуваат перспективи и натамошно продлабочување на соработката, водејќи до нови идеи.

Весна Мојсова-Чепишевска

– Овој проект води и до нови идеи, од коишто еден дел можат да се иницираат и во натамошната соработка, а можат да бидат поттик и за новите генерации книжевни преведувачи. Сказните напишани или запишани од Перо не се само за деца, но се исклучително важни за постулирањето на книжевноста за деца и се вградени во темелите и на современата книжевност наменета и за најмладите читатели. А токму преку книжевноста за деца може и треба да се градат мостовите за афирмација на националните книжевности и култури пред новите генерации, како преку потврдените книжевни вредности коишто се дел од националната книжевна класика, така и преку најновите остварувања создадени во времето на денешните деца. Оттука, во времето пред нас може и треба да се вложува и во нови преводи на книжевноста за деца и од македонски и на македонски јазик, на што како Семинар веќе се обидуваме да поттикнеме во соработката со странските универзитети, но секако, потребни се вложувања и од други институции – вели Мојсова-Чепишевска.

Нел од странските универзитети, изминатите години има зголемен интерес за македонската книжевност за деца, како резултат и на вклучувањето на книжевноста за деца во рамките на школите на МСМЈЛК, за што сведочи и двојазичниот избор од македонската поезија за деца којшто се подготвува на Универзитетот во Љубљана.

Сподели