Македонски современи уметници со „Простори на конјункција“ во Софија

Во Културно-информативниот центар на Македонија во Софија денеска во 18.30 часот ќе биде отворена изложбата „Простори на конјункција. Картографија на фрагментот: Наративи, граници, меморија“ што ја организира Националната галерија на Македонија. Изложбата ја подготви кураторскиот тим: Ана Франговска, Горанчо Ѓорѓиевски, Маја Неделкоска-Брзанова и Маја Чанкуловска-Михајловска. На отворањето ќе присуствува директорот на НГМ, Али Синани, а пред публиката ќе се обрати директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски.

Проектот „Простори на конјункција“ ја утврдува уметноста како динамичен простор во кој интимните, лични фрагменти се преплетуваат со колективните мемории и културни матрици како театар на тензија и симбиоза, објаснува д-р Ана Франговска.

– Оваа изложба ги истражува кревката граница меѓу малите приказни од интимниот свет на индивидуата и големите наративи – широка, сложена мрежа на големите историски и културни наративи – концепт што произлегува од Жан-Франсоа Лиотар и неговата критика на „метанаративите“. Според него, во постмодерната ера ја губиме довербата во „големите наративи“ (metanarratives), па просторот за вистина се отвора низ различни „мали наративи“ (petits récits). Преку ваквата леќа, делата во оваа изложба ја рефлектираат потенцијалната тензија меѓу општественото и поединечното, не како конфликт туку како конјукција – потрага по нови рамки во која придонесуваат индивидуалните сеќавања, а притоа не се преплавени од колективната меморија – вели Франговска.

Низ графика, цртеж, фотографија, видео, објект, колаж, уметниците не само што раскажуваат приказни туку градат мултимедијални платформи во кои секој медиум станува посебен канал за конјункција. Различните техники не функционираат само како формални избори, туку како активни стратегии за премостување на личното и колективното.

Изложбата опфаќа дека од: Роберт Јанкулоски, Кристина Пулејкова, Велимир Жерновски, Георги Господов, Моника Мотеска, Дарко Алексоски, Методи Ангелов-Мето, Шќипе Мехмети, Ирена Паскали, Михаела Јовановска, Славица Јанешлиева, Ѓорѓе Јовановиќ, Александар Станковски, Иванчо Талевски, Жанета Вангели, Верица Ковачевска, Марија Сотировска, Кристијан Јованоски, Игор Сековски.

– Оваа изложба нè поканува на плуралистичко, критичко и емотивно патување – низ спомени, граници, колективни структури и нестабилни текови на значење. Таа е документ и мапа. Ја означува територијата каде што се спојуваат материјалите и идеите, каде што споменот не е стабилен, туку станува – како колаж – жив организам што повикува повторно да се состави. Искусете ги овие простори на конјункција како жив терминален систем: отворен, сложен и неизвесен – вели Франговска.

Изложбата ќе биде отворена до крајот на месецов.

Сподели