Македонските поети Славица Гаџова-Свидерска, Елена Пренџова, Владимир Илиевски и Михајло Свидерски се претставија на Меѓународниот поетски фестивал Tirana Gate во Албанија. За настанот беше изготвен каталог со превод на дел од нивната поезија на албански јазик. Поетите читаа одломки од своето творештво, а учествуваа и на дебатните панели со книжевна, политичка и историска тематика, кои предизвикаа огромен интерес кај публиката.
Гаџова-Свидерска учествуваше на панелот со наслов: „Пост-социјализам: падот на Берлинскиот ѕид и реално или имагинарно враќање во Европа“; Пренџова на панелот „Град. Оксиморон. Судбина“; Свидерски на панелот „Балканот времето и стереотипите“, а Илиевски на панелот „Бујрум, ако смееш, прочитај ја тишината“, насловен според истоимената книга на Емељ Туна, која исто така беше дел од проектот.
Настапот на македонските поети на овој престижен меѓународен фестивал беше организиран од страна на издавачката куќа „Восток“ од Битола, со поддршка на Министерството за култура на Македонија и Македонскиот културен центар во Тирана и директорот Златко Ориѓански.





