Лингвисти од 17 земји ќе учествуваат на Третата зимска школа на Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура која почнува онлајн на платформата „Зум“ утрово во 9 часот. Присутните ќе ги поздрават проф. д-р Никола Јанкуловски, ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и директорката на Семинарот, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска. Годинашното издание на Зимската школа е посветено на великанот на современата македонска литература и култура, Ацо Шопов, по повод 100 години од неговото раѓање. Покровител на националната програма „2023, Година во чест на Ацо Шопов“ е претстедателот Стево Пендаровски.
Македонски јазик ќе учат лингвисти од Кина, Виетнам, Соединетите Американски Држави, Австралија, Турција, Полска, Словенија, Чешката Република, Унгарија, Грција, Бугарија, Романија, Молдавија, Руската Федерација, Хрватска, Србија и од Босна и Херцеговина. Со вкупен фонд од по 30 часа за сите групи според степенот на познавање на македонскиот јазик, тие ќе слушаат основно, средно и напреднато рамниште.
– Наставата за семинаристите од напреднатото рамниште целосно ќе биде посветена на поезијата на Ацо Шопов. Тоа ќе донесе нови исчитувања на неговото творештво на странски универзитетски центри, нови книжевни преводи и можни проекти со кои делото на македонскиот книжевен великан дополнително ќе се афирмира во странските културни средини – велат од Семинарот.
Школата ќе трае до 28 јануари.