Повеќе од 100 археолози од 17 различни држави ги претставија своите истражувања на Меѓународната археолошка конференција „Словените и нивните соседи во 1. милениум“ што минатата недела се одржа во Нови Сад. Научниците ги претставија своите сознанија и размислувања во врска со културата на древните Словени и на нивните соседни народи.

Македонски претставници на конференцијата беа професорот Никос Чаусидис од Филозофскиот факултет во Скопје и Игор Ефтимовски, докторанд на факултетот. Тие го претставија своето истражување: „Словенски многуглави идоли – распространетост, генеза и значење“, во кое го разгледаа религискиот феномен на многуглави идоли кај Словените во контекст на поширокиот културен ареал на Евроазија.

Домаќин на конференцијата беше Музејот на Војводина од Нови Сад, а коорганизатори беа Музејот „Ермитаж“ од Санкт Петербург, Центарот за балтичка и скандинавска археологија од Шлезвиг, Институтот за археологија при Руската академија на науките од Москва, Институтот за археологија при Чешката академија на науките од Прага, Лајбниц институтот за историјата и културата на Источна Европа од Лајпциг и Народниот музеј од Белград.

Конференцијата се одржа по 25 години од последниот, 6. Конгрес за словенска археологија одржан во Велики Новгород.

Целосната книга на апстракти од претставените реферати може да ја прочитате ТУКА.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.