Македонската асоцијација на издавачи за првпат со дела преведени на англиски јазик на Саемот на книгата во Франкфурт

Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот настан од овој тип во светот. Годинава се одржува по 75. пат и на него ќе учествуваат 4.000 изложувачи од 95 земји во светот

Македонија за првпат со преводи на дела од македонски автори на англиски јазик ќе се претстави на Саемот на книгата во Франкфурт кој почнува денеска и ќе трае до 20 октомври. Како и претходните три години, и годинава претставувањето на македонската книжевност на една од најголемите книжевни манифестации во светот ја предводи Македонската асоцијација на издавачи (МАИ), со поддршка од Министерството за култура.

Бојан Саздов, претседател на МАИ, објаснува дека се подготвувале темелно. На почетокот на летото формирале работна група од петмина издавачи, која ја креирала стратегијата, составиле стручна комисија за избор на автори, репрезентативни за современата македонска книжевност, изработиле саемски каталог во кој се застапени избраните 50 автори. Направиле избор на дела што решиле да ги преведат од македонски на англиски јазик и тие да бидат главната содржина со што Македонија ќе се претстави на својот штанд.

– Искуството од минатите години ни покажа дека тоа е нешто што навистина ни недостасува, се преводи на јазици што ги разбираат повеќето издавачи низ светов, како што е англискиот. Затоа што за продажба на авторските права не е доволно само презентирање на содржината и стилот на делата. Вклучивме 12 преведувачи, кои успеаја да преведат осум од единаесетте книги во целост, а другите три делумно. Ова е за првпат на овој начин да ја претставуваме нашата книжевност во Франкфурт и очекуваме ефектите и резултатите од тоа да бидат навистина позитивни. Дополнително, овие преводи се трајна вредност во којашто се инвестираше, затоа што можат да се користат и по завршувањето на Саемот на книгата во Франкфурт како важна алатка за запознавање со делата на овие автори и за продажба на авторските права на овие дела – вели Саздов.

Бојан Саздов

Според него, претставувањето на една ваква манифестација е голема инвестиција за една мала држава и тоа не само во поглед на пари, туку уште повеќе во поглед на човечките ресурси. Делегацијата на МАИ брои седуммина членови и од јуни наваму непрестајно работи на националното претставување на овој саем.

– Можеби не сме голема земја, но сме современи издавачи и добро ги познаваме светските трендови и текови. Знаеме дека мораме да вложуваме во видливоста на вакви манифестации, мораме да бидеме таму рамо до рамо со издавачите од Европа и од светот, да ги одржуваме контактите, да стекнуваме нови и да остануваме вмрежени. Бидејќи нашата книжевност е квалитетна, а за да се пробиваат нашите автори да бидат читани од нови публики преку нови преводи, ние издавачите мораме да бидеме упорни и да работиме за тоа да се случува – вели Саздов.

Тој додава дека Саемот на книгата во Франкфурт е најголемиот настан од овој тип во светот. Годинава се одржува по 75. пат и на него ќе учествуваат 4.000 изложувачи од 95 земји во светот. На саемот ќе има повеќе од 2.600 настани, 7.000 новинари од 64 земји и претставници на 324 агенции за авторски права. Досега, пред почетокот на Саемот, влезници имаат купено 105.000 посетители.

– Македонските издавачи и македонската книжевност ќе бидат таму, подготвени да се претстават пред сите овие професионалци и посетители. Комуникацијата на овој саем е на две нивоа – преку контакти кои се остваруваат со посетителите што го посетуваат нашиот штанд или со штандовите кои ние ги посетуваме и преку директни B2B состаноци, што месеци однапред ги закажуваме со тековни и идни соработници. Нашата земја, нашиот јазик и нашата книжевност се промовираат на сите овие начини, во секоја од овие пригоди – вели Саздов.

Годинава маркетинг-агенцијата „Импакта“ ù помага на МАИ во организацијата на Саемот. Тие веќе четири години работат за Асоцијацијата – ги координираат и организираат сите активности на здружението, состаноци, мали саеми во трговски центри, активностите за време на Саемот на книгата и доделувањето на наградите на МАИ за најдобрите остварувања во издаваштвото во период меѓу два саема, објаснува Наташа Атанасова, коосновач на „Импакта“.

– Така, природно дојде да ја преземеме и организацијата на нашето национално претставување на Саемот на Франкфурт, каде што учествуваме за првпат по пандемијата – вели Атанасова.

Таа била дел од состаноците на работната група на МАИ, каде што се креирала стратегијата за годинашното претставување, посредувала при работата на комисијата и на работната група, го уредувала саемскиот каталог и го водела целиот проект за превод на 11-те дела од македонски на англиски јазик. Нејзина обвска била и комуникацијата со Саемот на книгата во Франкфурт, додека колешката Јасмина Грујиќ коосновач на „Импакта“ се грижела за целата администрација околу транспортот на промотивните материјали и книги.

– Двете сме присутни на штандот на Саемот во текот на сите денови, каде што, заедно со издавачите, ќе даваме информации и ќе ја промовираме нашата книжевност – објаснува Атанасова.

Агенциите најчесто ја вршат заднинската работа која најголемиот дел од публиката воопшто не ја перципира. Атанасова вели дека само некој што го работел ова може да разбере колку многу работа има. Според неа, најмачно е што колку и однапред да ги планираш работите, најголемиот дел мора да се направат во краток временски период, во случајов за само три недели пред почетокот на саемот. Проектот со превод на 11-те книги подразбирал прецизно темпирање и усогласување на крајниот рок за превод, за прелом на книгите од страна на издавачите, за печатење и денот на испраќање на материјалите преку транспортер.

– Ова го испланиравме уште во јуни, за на 1 октомври да дознаеме дека транспортот е поместен за три дена порано. Тоа значеше неверојатно голем стрес и тројно повеќе координација со сите засегнати страни за ги испечатиме и испратиме книгите порано, ама успеавме – вели Атанасова.

На Саемот во Франкфурт има 4.000 изложувачи. Во халата 4.1, каде што се меѓународните изложувачи, има штандови кои се по 200-300 квадратни мести. Македонија има 32 квадратни метри и единствен единствен начин на кој можеме да привлечеме внимание е да бидеме креативни и впечатливи, објаснува Атанасова.

– По долга работа на креативата, стигнавме до визуелен изглед кој солидно ја претставува нашата земја и нашата книжевност. Под слоганот „Echoes of the past, voices of tomorrow“, преку дизајн кој го вклучува модернизираниот изглед на глаголицата, го прикажуваме спојот што лежи во срцевината на нашата современа книжевност: одеците на минатото и гласовите на утрешнината. Од оваа креатива (слоган + дизајн) произлегоа и изгледот и содржината на останатите промотивни материјали, кои заедно ја раскажуваат приказната за тоа што има современата македонска книжевност да му понуди на светот – завршува таа.

Сподели