Мјузикл според музиката на Влатко Стефановски, именуван „Као какао“ се подготвува со голема екипа, во режија на Дејан Пројковски, а според текст на Венко Андоновски. Станува збор за љубовна приказна со мелодрамски ефекти, противници и со голем копнеж да се успее, затоа што човекот е копнеж. Влатко Стефановски е човек-епоха, истакна Андоновски на прес-конференција што се одржа во Скопје. Продукцијата е на „Баги комуникации“, во копродукција со Македонскиот народен театар.
Во креативниот процес, пишувањето, Андоновски го водела музиката и песните кои сами раскажуваат приказна, а во самиот текст ги внел љубовта и страста кон музиката на Влатко Стефановски.

-Во оваа фаза од мојот живот и од мојата кариера прилично сум пребирлив околу тоа што би работел, а што не би работел. Но, првото кафе кое го испив со Пројковски и Манде, кога ми спомнаа „што мислиш да се прави еден мјузикл на твоја музика?“ – јас реков, „Зошто да не?“. Подобро е да бидам сведок на тоа отколку да се прави откако ќе ме нема. Многу ми е драго што Венко Андоновски го напиша текстот, кој го читав во авион враќајќи се од Лондон. Кога еден текст е добар? Ако те допре емотивно, добар е. Ако не те допре – не е. Овој текст ме насмеа три пати и ме расплака два пати-што е гаранција дека текстот е навистина добар.“
За музичките аранжмани ќе се погрижи Бобан Мирковски, за кореографијата – Олга Панго, за костимите – Марија Пупучевска, а за сценографијата – Валентин Светозарев. Вокален ментор е Ана Костадиновска. Актери кои засега се извесни дека ќе настапуваат, се: Владимир Петровиќ, Катерина Јовановиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Ања Митиќ, Нина Елзесер и Антонио Ташковски.
За таква величина од Тафталиџе, мојата генерација ја имаше таа среќа, во Тафталиџе да има светски гитарист. Влатко отсекогаш бил за мене опсесија како музичар, вели Андоновски.
Режисерот Дејан Пројковски за музиката на Стефановски вели дека вид македонска музичка лична карта.
Премиерата на „Као какао“ се планира во мај во Македонскиот народен театар.





