Македонската археологија прерано загуби врвен научник

„Времето е како река од случувања, чија струја е брзак. Во истиот момент кога нешто се појавува, тоа веќе исчезнува, бидејќи бранот носи нешто друго што го зазема неговото место, по кое пак доаѓа нешто ново.“ Со овој цитат од Марко Аврелиј археологот Ленче Јованова даде вовед во трудот „Македонија во римскиот период (археологија)“ објавен на akademia.edu.

Македонската археологија и наука прерано загуби врвен професионалец со исклучителни познавања на римскиот период и животот на античкиот град Скупи. Вчера во трагична несреќа животот го загуби Ленче Јованова (1957-2023) која сиот свој работен век го помина во Музејот на град Скопје. Фокус на нејзината работа беше римскиот период, а потесна специјалност ѝ беше Скупи каде со години ги водеше археолошките истражувања.

Во својата работа Јованова секогаш беше точна, прецизна, посветена и одмерена. Теренец и научник во вистинска смисла на зборот. Секогаш ќе ја најдевте со екипата во сонда или во бараката на Скупи каде се селектираше и документираше пронајдениот археолошки материјал. Никогаш не брзаше со „ексклузивни“ информации, на прво место ѝ беше релевантноста на пронајдокот во својот поширок контекст.

Колеги денеска се простуваа од Јованова. Од Арехеолошкиот музеј каде таа беше претседателка на Управниот одбор од 2017 година велат дека Јованова остави значаен и неизбришлив белег во македонската археологија како врвен стручњак и крајно посветен професионалец.
– Беше авторка на неколку значајни и незаменливи монографски изданија, изложби, каталози, кои преку нејзиното темелно и продлабочено знаење ја промовираат нашата археологија и античка историја во земјата и во светот – велат од Музејот.

Од Македонското археолошко друштво со неверување ја примиле веста за немилиот настан.
„Ленче Јованова беше долгогодишен член на Македонското археолошко друштво и кустос советник во Музеј на град Скопје. Таа остави длабок и неизбришлив траг во македонската археологија истражувајќи ги културните хоризонти на античкиот град Скупи. Нејзиниот интерес беше насочен кон проучување на римската материјална култура. Автор е на бројни изложби, каталози, статии, студии, а особено се значајни монографиските изданија Скупи – Colonia Flavia Scupinorum; Скупи – некрополи: стории за истакнати личности според епиграфски и археолошки сведоштва; Скупи: сектор југоисточен бедем и комплекс терма – базилика со атриум. Ленче Јованова засекогаш ќе остане во нашите сеќавања како врвен и искусен професионалец кој со огромна посветеност го промовираше македонското културно наследство во земјава и светот“, велат од МАД.

Фото: Македонско научно друштво

Сподели