Археолозите од земјава се собрани на 28. Симпозиум на Македонското археолошко друштво што се одржува во Етносело „Тимчевски“ во Старо Нагоричане
Македонската археологија долг период е загрозена од институционална запоставеност. Во изминатите две децении високообразовните, научните и стручните институциите се оставени без потребниот човечки капацитет, кој во бројни институции е сведен на минимум и нивното секојдневно функционирање е доведено во прашање, рече д-р Орданче Петров, претседател на Македонското археолошко друштво на отворањето на 28. Симпозиум на Македонското археолошко друштво што се одржува во Етносело „Тимчевски“ во Старо Нагоричане и ќе трае до утре. На собирот присуствуваат бројни археолози, конзерватори, историчари на уметност, луѓе што се занимаваат со археолошка наука.
– Наспроти ова, инвестицискиот бум со бројните инфраструктурни проекти го зголемуваат обемот на работа на институциите чии човечки капацитети се и онака сведени на минимум. Конзерваторските центри, Заводите и Управата се под постојан притисок затрупани со многу предмети и краткиот рок во кој треба да бидат завршени. Ваквата ситуација се пресликува и во наставничкиот и соработнички кадар во високо-образовните институции каде археологијата се изучува на додипломски студии. Овој проблем станува поголем со фактот што археологијата веќе не е атрактивна за помладите генерации, па интересот за студирање на програмата за археологија од година во година е сè помал. Ова е проблем којшто треба сите да не загрижи – рече Петров.
Тој апелира долгонајавуваниот Закон за заштита на културното наследство да се заврши и да се донесе, заедно со сите подзаконски акти.
Присутните ги поздрави Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, потенцирајќи ја важноста на симпозиумот каде се презентираат резултатите од новите истражувања, публикации, анализи што ја збогатуваат научната заедница и го потврдуваат значењето на македонските локалитети во поширок контекст.
Мирослав Славковски, градоначалник на Општина Старо Нагоричане му се заблагодари на МАД што го избрале токму Старо Нагоричане за домаќин на собирот.
– Нашиот регион, од црквата „Св. Ѓорѓи“ во Старо Нагоричане, преку манастирските комплекси, до широката мрежа на праисториски, антички и средновековни локалитети претставува вистинска ризница на културно наследство. Тука секој камен има приказна, секоја долина чува слој од минатото, а секое откритие потсетува колку е важно да го разбереме коренот од кој сме израснале. Вашето присуство овде, научната енергија што ја носите и трудот што секој од вас го вложува во откривањето, заштитата и интерпретацијата на наследството, се од непроценливо значење за нашата општина. За нас, археологијата не е само наука, таа е алатка за развој, за културен туризам, за едукација на младите, за активирање на руралните заедници и за создавање нови перспективи за иднината – рече Славковски.





