Македонска вечер во Будимпешта

Македонска вечер посветена на македонската музика, вино и на македонската гостопримливост се одржа во култното кафуле Három Szerb Kávéház во Будимпешта. На Македонската вечер се дегустираа вина од „Винаријата Попов“, со чијашто помош и се организираше самиот настан. За музиката беа задолжени членовите на веќе добро познатото унгарско музичко дуо „БудаПесме“, кое пред публиката се претстави со нов репертоар на македонски народни песни. А за гостопримството беа задолжени Лекторатот по македонски јазик во Будимпешта и Институтот за унгарски вина, кои беа организатори на настанот.

Специјален гостин на вечерта беше македонскиот амбасадор во Варшава и економски советник за Вишеградската група, Илија Псалтиров. Пред гостите на Македонската вечер, Псалтиров се претстави со презентација за туристичкиот потенцијал и убавини на Македонија, насловен како „Откријте ја сончевата Македонија“.

Според организаторите „Македонската вечер“ прераснува во традиционален настан, добро познат и популарен кај унгарската публика чиишто следбеници стануваат сè побројни од година во година.

Златко Панзов, лектор по македонски јазик на универзитетот ЕЛТЕ во Будимпешта, смета дека ваквите настани се многу значајни за промоција на македонската култура во Унгарија, а истовремено се важни за промоција и афирмација на македонскиот јазик што се покажува преку зголемениот интерес за изучување на македонскиот јазик. Во иднина организаторите планираат да престават што повеќе македонски винарии пред унгарските љубители на виното, зачинети со македонска музика и неизбежното македонско гостопримство.

Сподели