„Нешто слатко“, словенечката романтична комедија во која играат и се копродуценти македонските актери Сашко Коцев и Јелена Јованова, ќе ја има македонска премиера вечерва во 20 часот во киното „Синеплекс“ во Скопје. Филмот е во режија на Тин Водопивец, стендап комичар од Словенија, а нашиот актер Сашко Коцев, се потпишува и како кастинг-директор, а се погрижи и за сценариото на филмот, заедно со Уршка Мајдич. „Процес К продукција“ е македонски партнер во филмот.
Продукциски моравме да правиме многу компромиси, за што влијаеа и ковид-протоколите, но и откажувањата на спонзорите. Сакавме филмот да изгледа модерно, топло, камерата да е добра, да не се гледа дека е нискобуџетен, рече тој на прес-проекцијата.

Коцев раскажа како настанала соработката со Водопивец, со кого делеле многу стендап-сцени на Балканот. Редица непланирани ситуации што чинеле повеќе пари отколку што зацртале, им се случило за време на снимањето.
– Сакавме да направиме филм за првата и последната шанса во животот на човекот, за лажно и погрешно или какво било идеализирање и идеологизирање на луѓето, на некои одредени личности и за она што во светот прави и војни, а се вика пи-ар. Пи-арот е наша секојдневница, може да те направи бог и може да те направи просјак. Сите тие големи работи сакавме да ги ставиме во еден филм, но да го направиме тоа на еден питок начин, да го сместивме во жанрот ром-ком, романтична комедија. Сите ќе кажат ова е комерцијален филм, така? Јас велам: Што значи комерцијален филм? Низ годините станал еден термин кој звучи потценувачки. Секој филм треба да биде комерцијален. Публиката ќе дојде и ќе ужива во филмот и после ќе оди на пијачка“, рече Коцев на вчерашната проекција за новинари, а Водопивец се надоврза: „Сакавме да направиме филм за луѓето, кога ќе го гледаат да заборават на сè.“
Според режисерот, филмот немаше да постои да не беше Сашко Коцев, филмот е пишуван за него. Коцев и Водопивец, кој исто така се појавува во филмот, вчера споделија повеќе анегдоти од снимањето на филмот, како на пример дека им се случиле безбрoј непланирани ситуации, кои подоцна ги чинеле повеќе пари отколку што било првично планирано.
Во Словенија филмот е одлично оценет од критиката, а го имаат видено околу 10.000 луѓе. Освен во Скопје, филмот ќе се прикажува и во Битола, Кочани, Велес и во Свети Николе.





