Македонија на Црвената листа на културно наследство во опасност на ИКОМ

Десет земји од Југоисточна Европа се во фокусот на 18. Црвена листа (на загрозено културно наследство) што вчера ја објави Меѓународниот совет на музеи ИКОМ при УНЕСКО

Македонија и уште девет земји од Југоисточна Европа се во фокусот на 18. Црвена листа (на културно наследство во опасност) што вчера ја објави Меѓународниот совет на музеи ИКОМ при УНЕСКО. Црвената листа чија основна идеја е зголемување на свеста за значењето на културното наследство и борбата против нелегална трговија почна да се објавува во 2000 година, а за првпат се однесува за земји од Европа. Во изданието се застапени 119 предмети од 45 музеи од земјава, Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Молдавија, Романија, Србија и од Словенија. Предметите не се дел од нелегалната трговија со антиквитети, туку дел од музејските колекции од десетте земји.

Од Македонскиот национален комитете на ИКОМ велат дека глобалната пандемија ги намалила очекувањата за обелоденување на Црвената листа на предмети во опасност од Југоисточна Европа, тоа не ги спречило експертите на ИКОМ да работат од далечина за да ја донесат оваа важна алатка за заштита на наследството.

Артефактите застапени во изданието не се предмет на нелегална трговија, туку дел од музејски колекции

– Ова е првата Црвена листа што се фокусираше на европскиот континент и ќе биде досега најголемата листа подготвена од ИКОМ. Не само што оваа алатка е доказ за богатото и разновидно наследство во регионот, туку се надеваме дека ќе придонесе за ублажување на проблемот со недозволена трговија со културно наследство – велат од МНК ИКОМ.

Секој ден некаде во светот предмети се украдени или пљачкосани за да бидат нелегално продадени на пазарот. Резултатот е неповратно губење на културното наследство со огромна историска и научна вредност.

– Во последните години нелегалната трговија со уметнини и антиквитети стана сериозно прашање во глобалната безбедност. Нелегалната тргивија е многу широка и лукративна криминална активност. Вклучува меѓународни нелегални мрежи и пазари, финансира други криминали и предизвикува губење на културното наследство – пишува на Црвената листа.

Надлежните потенцираат дека борбата со нелегална трговија е вистински предизвик за кој неопходна е долгорочна вклученост, зеадничка акција и развој на ефикасни инструменти и алатки. Меѓу решенијата за кои се залагаат експертите се зголемување на свесноста и контролните мерки што се исклучително важни во заштитата на движното културно наследство. Поради тоа ИКОМ ја дизајнираше Црвената листа на предмети во опасност.

Од МНК ИКОМ велат дека иако поновата историја на регионот беше одбележана со политички пресврти и конфликти што исто така придонесе за губење на културното наследство, современиот нерегулиран проток на културно наследство од регионот е нешто сосема поинакво.

– Ниту една земја не беше ослободена од оваа неволја во која сведочевме за предмети украдени од музеи и други културни институции, како и археолошки локалитети оштетени преку илегални ископувања, честопати извршени од организирани криминални групи, но подеднакво и од бескрупулозни поединци. Затоа лансирањето на оваа нова Црвена листа на закрозени артефакти од Југоисточна Европа е вреден придонес за заштита на наследството – велат тие.

Црвените листи станаа главен инструмент во борбата против нелегална трговија со културни добра. Тие се меѓународно признати, се користат како ценета алатка во кревањето на свеста кај населението. Од 2000 година ИКОМ објави Црвени листи кои детаљно ги категоризираат културните предмети во опасност во целиот свет. Меѓу нив се: Латинска Америка, Ирак, Авганистан, Камбоџа, Хаити, Кина, Египет, Сирија, Западна Африка, Јемен и други. Досега ИКОМ објавил 17 Црвени листи кои опфаќаат 47 земји на четири контуненти. Листите не треба само да им помогнат на полицајците, царинските службеници и граѓаните во идентификувањето на загрозеното наследство, туку ќе станат важен и долготраен инструмент во растечкиот арсенал алатки што се користат за да се заштити богатото и вредно наследство на Југоисточна Европа.

Насловна фотографија: Исчезнати артефакти од Македонија / Извор: Министерство за внатрешни работи

Сподели